Ивана кобниот ден самата пријавила дека насилниот сопруг ја тепал, нападот се случил на друго место
Ивана Јовановска, жената која во скопската населба Тафталиџе загина заедно со шестгодишната ќерка по пад од висока зграда, само два часа претходно, околу пладне, самата пријавила во полиција дека насилниот сопруг, од кого таа и девојчето со години трпеле терор во домот, ја нападнал на друго место во Скопје.
Препорачано
Во појаснување за „Слободен печат“ по денешната прес-конференција на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, од МВР велат дека полицијата добила пријава од жената и излегла на местото на булеварот „Гоце Делчев“, кој поминува пред „Мавровка“, судскиот комплекс и кампусот на УКИМ.
Таму полицајците разговарале со жената, но таа им рекла дека имала недоразбирања со сопругот, поради кои се исплашила и повикала полиција. Но, во тој разговор Ивана исто така им кажала на полицајците дека немало физички контакт меѓу неа и сопругот, а потпишала и изјава дека ја повлекува пријавата. По ова, жената отишла кон станот во Тафталиџе, каде околу два часа подоцна скокна од зградата заедно со шестгодишната ќерка.
„На 02.03.2026 околу 12:00 часот во СВР Скопје, И.Ј. од Скопје пријавила дека на бул.„Гоце Делчев“ била физички нападната од нејзиниот сопруг С.Ј. Веднаш потоа, полициски службеници излегле на местото и во разговор со нив пријавителката појаснила дека имала недоразбирања со сопругот, по што се исплашила и пријавила во полициска станица. Притоа, таа изјавила дека помеѓу нив немало физички контакт и потпишала изјава дека ја повлекува пријавата“, велат од МВР за „Слободен печат“.
Сопругот и татко-насилник, Стојанче Јовановски, е уапсен и ќе одговара за повеќе кривични дела. Тој од претходно ѝ бил познат на полицијата и имал пријави за насилен криминал, трговија со дрога, како и за напад врз службено лице.


