Зградата во скопската населба Тафталиџе / Фото: Слободен печат

Денес се случи убиство – сестра ми и внука ми со години трпеа терор дома, вели скопјанец по страшната трагедија во Тафталиџе

Александар Стојаноски, братот на жената која попладнево загина по пад од зграда заедно со нејзината малолетна ќерка, вели дека неговата сестра и внуката минувале низ пекол предизвикан од таткото на девојчето

Жителите на Тафталиџе, на Скопје и на целата држава попладнево беа потресени од веста за страшна трагедија – мајка и девојче, нејзината малолетна ќерка, загинаа во пад од голема височина од станбена зграда. Александар Стојаноски, брат и вујко на жртвите, вечерва на социјалните мрежи напиша „денес се случи убиство“, откривајќи дека сестрата и внуката со години трпеле страотно семејно насилство од партнерот и татко на девојчето.

Стојаноски обвинува дека државата, институциите, службите… не успеале да го запрат насилството и да ја спречат трагедијата. Тој вели дека ќе се бори докрај за правдата за неговата сестра и за внуката.

„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство. Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем … После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата. Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа! Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!, напиша Стојаноски во објавата

Тој открива и дека неговата сестра денес требало да оди на средба со социјални работници, токму поради постојаното насилство, психичко и физичко, кое го трпеле таа и нејзината ќерка од насилникот.

„Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам. Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем!“, пишува Стојаноски во потресната објава.

Жители на зградата во која живееле мајката и ќерката на социјалните мрежи пишуваат дека биле сведоци на постојаното насилство што врз сопствената сопруга и ќерка го вршел насилникот, кој според нив често бил пијан.

Истрагата треба да ги открие точните околности под кои се случи ужасната трагедија во Тафталиџе.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот