По три децении – Каде се и што работат денес култните „Пријатели“

Фото: IFA Film / United Archives / Profimedia

Пред речиси три децении Дејвид Крејн и Марта Кофман собраа млада екипа од дваесетгодишни актери со кои ја составија поставата за новата телевизиска серија „Пријатели“. Сите тие денес имаат култен статус поради ликовите што ги игра во серијата, чија популарност сè уште не бледее.

Фото: Профимедиа

Некогаш младата екипа, денес е во своите 50-ти години, некои воопшто не се занимаваат со филмскиот бизнис, додека други се многу активни. Добро познатата актерска постава ја сочинуваа Џенифер Анистон како Рејчел Грин, Кортни Кокс како Моника Гелер, потоа Лиза Кудроу во улогата на Фиби Буфе, Мет Лебланк го играше легендарниот Џои Трибијани, Метју Пери се појави како Чендлер Бинг, а Дејвид Швимер го глумеше Рос Гелер.

Фото: Инстаграм

Фамозната шесторка и денес се дружи, поради разни приватни и професионални причини, особено женскиот дел. Лиза, Џенифер и Кортни останаа многу блиски пријателки, а тоа го докажаа пред неколку денови, кога виртуелно се појавија на доделувањето на наградите „Еми“.

Метју Пери

Фото: Принтскрин/Јутјуб

Како што минува времето, сите се изменија физички, но најшокантната промена е видлива на 51-годишниот Метју Пери. Урнебесниот Чендлер, кој добро нè засмејуваше со својот карактеристичен сарказам, денес не е баш активен во филмскиот свет. Својот последен проект го сними во далечната 2009 година, филмот „Повторно 17 години“ каде што играше покрај Зак Ефрон. Секојпат кога ќе се појави во јавноста, тој шокира со својот изглед. Пред две години се подложи на операција поради оштетување на гастроинтестиналниот тракт, а се претпоставува дека причина за тоа била неконтролирана употреба на лекови.

Мет Леблан

Фото: Инстаграм

И шармантниот Џои Трибијани со текот на времето се запушти. Овој 53-годишен актер и комичар, кого го паметиме како голем заводник, всушност остана многу активен по завршувањето на серијата. Тој имаше дури 20-ина телевизиски улоги и околу 15-ина филмски. Последниот ангажман му беше во 2016 година, во серијата „Човек со план“, која сè уште се емитува на американските телевизии. Некогаш згодниот актер, денес изгледа незабележливо со вишокот килограми и запуштениот изглед.

Дејвид Швимер

Некогашниот професорот по палеонтологија, Рос Гелер, денес всушност е многу активен во професијата, а се обиде и како продуцент. Минатата година се појави во драмата на Нетфликс  „Пералницата“, а оваа година исто така беше многу успешна за него откако доби улога во британската хумористична серија „Интелигенција“. Иако на неговиот изглед се забележуваат промени што ги носат годините, сепак 53-годишниот Дејвид сè уште добро се држи. Тој е многу педантен, јавно никогаш не се појавува во запуштено издание и многу се грижи за изгледот.

Кортни Кокс

профимедиа

По улогата на готвачката и многу педантна Моника Гелер, на актерката ѝ се отворија многу врати во Холивуд. Згодната Кортни Кокс се појави во многубројни телевизиски и филмски улоги, од кои најдобро ја паметиме по онаа во филмот „Вресок“ и во серијата „Кугар таун“. Покрај тоа, таа го позајми својот глас во многу анимирани филмови. Со поранешниот сопруг Дејвид Аркет основаа продукциска куќа „Кокет продакшн“, со која Кортни продуцираше неколку холивудски проекти. Од бракот со Аркет имаат ќерка Коко, која многу наликува на мајка си. Кортни и денес е многу блиска со Џенифер Анистон, нејзината најдобра пријателка од серијата.

Џенифер Анистон

Фото: Инстаграм

По завршувањето на серијата, таа без сомневање стана најпопуларна, најбарана и најатрактивна во Холивуд. Иако првично не ѝ прогнозираа голем успех, оваа амбициозна Американка на сите им покажа дека за себе ја избрала вистинската професија. Зад неа се многу успешни филмски проекти, од кои можеби најдобро ја паметиме по филмовите „Ние сме Милерови“, „Лоши шефови“, „Марли и јас“ и др. Минатата година прифати улога во проектот на ХБО „Утринско шоу“, за која се претпоставува дека потпишала договор на неверојатно висока сума. Анистон во медиумите е често присутна и поради својот приватен живот. Имено, по разводот од Бред Пит, нејзината нова шанса за љубов беше со актерот Џастин Теру. Но и тој брак заврши со развод, а со бившите партнери таа остана во близок однос. Деновиве ја интригира јавноста со најавата за нов проект со Бред Пит.

Лиза Кудроу

лиза кудроу

Последна, но не помалку важна, во актерската постава е легендарната Фиби, која ја глумеше Лиза Кудроу. Денес 57-годишната актерка од Калифорнија, како и своите колешки се појави во многу филмски проекти и изгради импресивна актерска кариера. Ја паметиме по улогата во филмовите „Враќањето“, „П.С. Те сакам“, „Веб-терапија“, а исто така го позајми гласот во многу анимирани филмови. Лиза стареењето го прифаќа достоинствено, без да се подложи на третмани за подмладување. Со колешките од серијата и ден-денес е многу блиска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот