Фото: илустрација / Слободен печат

Пчеларите апелираат да се купува од сертифицирани производители – медот е со висок квалитет

Пчеларите бараат зајакната контрола на увозниот и на медот без сертификат на домашниот пазар. Просечната ланска потрошувачка на едно македонско семејство лани била 2,5 килограми мед

Годинава медот е со добар принос и висок квалитет. Пчеларството на истокот од државата има долга традиција и потенцијал за развој. Но, нелојалната конкуренција и продажбата на сомнителен мед е проблем што според професионалните пчелари може да се реши со откупни центри каде што би се контролирал квалитетот на медот.
Најголем дел од медот се продава на домашниот пазар, иако потенцијалот за извоз, посебно на органски мед, е голем. Но, пчеларите велат дека без здружување, нема економска оправданост за извоз, објави МРТ.
Пчеларството е на удар на климатските промени, а проблем се и пречките за извоз на европските пазари заради тоа што државата сè уште нема целосно усогласен систем на контрола на медот и доволно лаборатории акредитирани по европските стандарди.

– Во маркети, на пазар и онлајн се нуди неквалитетен мед – предупредуваат пчеларите и апелираат да се купува мед од производители сертифицирани во Агенцијата за храна и ветеринарство.

Дел од пчеларите за „Слободен печат“ објаснуваат дека сè повеќе се соочуваат со студена пролет, а поблаги зими, што ги тера пчелите порано да почнуваат со развој, а потоа да стагнираат.

– Бидејќи климатските промени се сè пожестоки, најдобро е да ја одгледуваме автохтоната македонска медоносна пчела зашто е аклиматизирана на овие простори – истакнуваат тие.

Според податоците од Државниот завод за статистика, производството на органски мед во 2023 година е зголемено за 53,9 отсто, а бројот на пчелни семејства во истиот период е зголемено за 16,5 отсто. Просечната ланска потрошувачка на едно македонско семејство лани била 2,5 килограми мед.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот