Остри пораки од Берлин и Париз: Вучиќ и Курти да почнат да ги исполнуваат обврските или ќе трпат последици

Од Берлин и од Париз денеска пристигнаа остри и одлучни пораки со кои се охрабруват лидерите на Србија и на Косово, Александар Вучиќ и Албин Курти, итно да почнат да ги спроведуваат работите договорени во рамките на „европскиот план“ за нормализација на односите меѓу двете земји.
Амбасадорот на Франција во Косово, Оливие Геро, изјави дека очекува од Косово и од Србија да ги исполнат обврските од договорот за нормализација на односите или во спротивно и двете страни ќе сносат последици.
Тој додаде дека очекува косовската влада да иницира преговори за формирање Заедница на општини со српско мнозинство (ЗСО), како и дека „деновиве се очекуваат состаноци“ околу тоа, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).
Францускиот амбасадор, исто така рече и дека и од лидерот на Србија, Александар Вучиќ, очекува да ги исполни обврските што произлегуваат од договорот.
На истиот настан, германскиот амбасадор во Косово, Јорн Роде, изрази оптимизам за имплементацијата на договорот и посочи дека најважно во овој момент е што тој е постигнат.
Според него, договорот за нормализација на односите е „долгорочна обврска“ и додаде дека Косово мора да го почитува делот што се однесува на самоуправувањето на српската заедница на Косово и дека Србија не смее да го блокира членството на Косово во меѓународните организации.
На новинарско прашање како ги коментира изјавите на српскиот претседател Александар Вучиќ дека никогаш нема да дозволи Косово да влезе во Обединетите нации, германскиот амбасадор рече дека ваквите пораки „не се здрави“, но оти меѓународната заедница треба да се фокусира на спроведувањето на договорот.
Тој рече дека овој пат е поголем оптимист и дека ја гледа волјата на лидерите на Косово и на Србија да го спроведат договореното.