Општина Ѓорче Петров ќе потроши 75 милиони денари за капитални проекти, ќе се гради и нова градинка

Фото: Општина Ѓорче Петров

Советот на Општина Ѓорче Петров на денешната седница изгласа неколку одлуки за изградба на објекти и за реализација на капитални проекти од големо значење за жителите на Ѓорче Петров.  За изградба на градинка во Стопански двор се издвоени 60 милиони денари, 6 милиони денари за доградба на две нови училници во ОУ „Мирче Ацев“,  за изградба и реконструкција на четири спортски игралишта се наменети  9 милиони денари и со 1,7 милиони денари ќе се прави првиот сензорен центар во градинката „Росица“.

Во однос на изградбата на новата градинка, градоначалникот Александар Стојкоски истакна дека граѓаните на Ѓорче Петров се соочуваа со реален проблем во однос на запишувањето на дечињата во детските градинки низ општината.

Со отварањето на новата детска градинка „Сонце“ надминавме дел од проблемите и згриживме голем број на дечиња, но потребни се и нови капацитети. За таа цел, отпочнуваме со изградба на новата детска градинка во Стопански Двор, којашто ќе има капацитет да прими околу 120 дечиња и ќе ги има сите услови кои што се потребни за пријатен престој на најмладите наши жители во градинката. Наша интенција останува изградбата на нови детски градинки насекаде во нашата населба каде што ќе имаме можност тоа да го реализираме, се со цел овој проблем да биде надминат во целост – вели Стојкоски.

Според него, во изминатиот период активно се работело на подобрување на условите и зголемување на капацитетите во повеќе училишта во општината со цел учениците и наставниот кадар да ги имаат сите потребни услови кои што се важни при одржувањето на наставата.

 За таа цел, работевме на доградба на нови две училни во ООУ ,,Mирче Ацев”, кои што се направени по сите стандарди и ги задоволуваат сите услови кои што се потребни за непречена настава и поголем комфор на учениците и наставниците. За реализација на овој проект беа одвоени 6 милиони денари – објасни градоначалникот.

За прв пат во Општина Ѓорче Петров ќе се направи сензорен центар кој ќе биде лоциран во објектот „Пампурче“ на градинката „Росица“, a ќе го сочинуваат три училници и сите потребни сензорни алатки кои ќе помогнат при образовните потешкотии на децата кои што се соочуваат со тој проблем. Стојкоски информира дека сензорниот центар ќе биде од голема помош како за дечињата, така и за вработените, бидејќи ќе можат преку најразлични модели на едукација да пристапат до најмладите и да им помогнат во совладувањето на одредена материја којашто е потребна да се спознае во најмладите години.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот