Објавени номинациите за БАФТА: Новиот филм на Леонардо Дикаприо издоминира со дури 14 номинации!
Номинациите за годинашните награди БАФТА се објавени, а филмовите „Една битка по друга“ (One Battle After Another) и „Грешници“ (Sinners) доминираат во главните категории. Во трката за најдобар британски филм, пак, се истакнуваат „Се колнам“ (I Swear), „Совозач“ (Pillion) и „Баладата за островот Волис“ (The Ballad of Wallis Island).
Препорачано
Политички ангажираната серио-комедија „Една битка по друга“, во режија на Пол Томас Андерсон, освои вкупно 14 номинации, меѓу кои и за најдобар филм и најдобар режисер, како и повеќе актерски категории. Меѓу номинираните се Леонардо Дикаприо за главна машка улога, Бенисио дел Торо и Шон Пен за споредна машка улога, како и Чејс Инфинити за главна женска улога – актерка која изненадувачки беше изоставена од оскаровските номинации.
Филмот, кој важи за едно од најфалените остварувања на 2025 година и доби 13 номинации за Оскар, на БАФТА директно се соочува со хорор-спектаклот „Грешници“ на Рајан Куглер. Овој филм освои 13 БАФТА номинации и со тоа влезе во историјата како најноминирано остварување на црн режисер во историјата на наградите.
Меѓу најноминираните се и „Хамнет“ (Hamnet) на Клои Жао и „Марти Суприм“ (Marty Supreme) на Џош Сафди, со по 11 номинации. „Хамнет“ со тоа стана најноминиран филм на женски режисер во историјата на БАФТА. Следуваат „Сентиментална вредност“ (Sentimental Value) на Јоаким Трир и „Франкенштајн“ (Frankenstein) на Гиљермо дел Торо, со по осум номинации, иако „Франкенштајн“ изненадувачки не доби признание во категориите за најдобар филм и режисер.
Изненадувања годинава има и во актерските категории – без номинации останаа оскаровски номинирани имиња, додека признанија конечно добија Џеси Племонс и Јоргос Лантимос за „Бугонија“ (Bugonia). Филмот „Злобница: втор дел“ (Wicked: For Good), пак, доби две номинации, иако беше целосно игнориран од американската Академија за филмски уметности и науки.
Во категоријата за најдобар филм на неанглиски јазик, листата речиси целосно се поклопува со оскаровската селекција, а номинирани се „Тајниот агент“ (The Secret Agent), „Тоа беше само несреќа“ (It Was Just An Accident), „Сентиментална вредност“ (Sentimental Value), „Сират“ (Sirât) и „Гласот на Хинд Раџаб“ (The Voice of Hind Rajab).
Единствената категорија што беше објавена однапред е наградата за млада ѕвезда во подем, во која се најдоа и имиња од филмовите „Една битка по друга“, „Грешници“ и „Се колнам“.
Церемонијата на доделување на филмските награди БАФТА ќе се одржи на 22 февруари, во Кралската фестивалска сала во Лондон.
БАФТА 2025: „Конклава“ и „Бруталистот“ триумфираа на британските филмски награди


