ОЈО / Фото: „Слободен печат“, Слободан Ѓуриќ

Управител на фирма нудел 50.000 евра мито за пари од ИПАРД, четворица службеници обвинети за поткуп

Јавен обвинител од ОЈО ГОКК поднесе обвинение до Основниот кривичен суд Скопје против повеќе луѓе осомничени за корупција поврзана со користење средства од ИПАРД програмата.

– Првообвинетиот, како управител на фирма, аплицирал за финансиска поддршка на јавен повик од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Бидејќи фирмата не ги исполнувала условите, апликацијата била лошо рангирана и не требало да добие пари. За да ја смени одлуката, управителот во повеќе наврати нудел и давал мито. На едно раководно лице во Агенцијата му бил ветен подарок од 50.000 евра, а на уште три лица им биле дадени по 5.000 евра за да влијаат врз постапката и да обезбедат незаконско одобрување на средствата – се вели во соопштението.

Обвинителството утврдило дека четворица државни службеници од Агенцијата постапувале спротивно на законот. Тие, иако знаеле дека апликацијата не ги исполнува условите, направиле погрешни пресметки, прифатиле некомплетна документација и одобриле финансиска поддршка што не смеела да биде доделена. Еден од обвинетите службеници го потпишал решението иако бил свесен за незаконитоста, со цел да го добие ветеното мито.

– Поради сериозноста на делото, за дел од обвинетите и понатаму остануваат мерките притвор и куќен притвор, додека за другите се предложени мерки на претпазливост – забрана за работа во Агенцијата, одземање пасоши и редовно јавување кај надлежен орган – соопшти ОЈО.

Обвинителството побара и одземање на предметите користени во извршување на делото, меѓу кои мобилни телефони, дигитални носачи и парични средства во износ од 35.370 евра, 206.000 денари и 200 швајцарски франци.

Покрај ова обвинение, од прибраните докази произлегле индиции за пошироки злоупотреби со ИПАРД средствата, поради што е отворена нова предистражна постапка која сè уште е во тек.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот