Нови вработувања во затворите и обезбедување 24 часа здравствена заштита за затворениците, бараат пратениците

Фото: Слободен печат/Д. Митрески

Преместување во најбрз временски период на малолетните осудени лица од затворот во Охрид во Воспитно – поправниот дом Тетово, забрзување на изградбата на притворското одделение во рамките на КПУ Идризово, подобрување на третманот за ресоцијализација, обезбедување на 24 часовна здравствена услуга за осудените и притворените лица, се дел од предлог-заклучоците од јавната расправа на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граќанинот во врска со состојбата во казнено поправните установи во државава.

Претседателот на собраниската комисијата, Фадил Зендели рече дека во заклучоците е истакната потребата за зголемување на финансиите на казнено – поправните установи за да се овозможи соодветно управување и подобрување на условите во затворите за осудените лица, како и да се зголеми можноста на осудените лица за контакт и комуникација со семејството.

– Потребно е да им се овозможи на осудените лица работен ангажман и други активности преку општествено корисна работа во соработка со Министерството за труд и социјална политика. Да се испитаат и санкционираат наодите за присутна корупција во затворите, како и испитување на понижувачко постапување кон затворениците – истакна Зендели.

Во заклучокот е наведено дека Комисијата и понатаму ќе ја следи состојбата на затворите и дека преку редовни контакти и состаноци ќе се информира за преземеното и спроведеното од предложените заклучоци.

Членовите на Комисијата немаа забелешки на заклучоците, освен неколку дополнување.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Горан Манојловски рече дека во заклучокот за преместување на малолетните осудени лица во Воспитно – поправниот дом Тетово да се додаде дека е потребно тоа да се направи во најбрз можен временски период бидејќи, како што рече, објектот веќе неколку години е подготвен за да ги прими осудениците. Тој побара во секоја казнено – поправна установа да има директна здравствена заштита, а не преку здравствените домови.

Неговата сопартијка Слаѓана Митовска предложи дополнување на заклучокот во однос на вработувањето на педагози и психолози каде, според неа, треба да се дополни со вработување на дипломиран социјален работник. Таа побара и дополнување на една од точките за изготвување на програмите за отпус и реинтеграција со додавање на создавање на услови за ресоцијализација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот