ковид амбуланта
Ковид-амбулантно возило / фото: МИА

Нема спас додека невакцинираните не се удрат по џебот!

Во повеќе земји, како Италија, Австрија, Хрватска и други, се воведуваат мерки со кои им се ограничува движењето на невакцинираните, во надеж дека тоа ќе ги поттикне да се вакцинираат.

Додека земјите од регионот и пошироко во Европа „горат“ од ковид позитивни пациенти и ги засилуваат рестриктивните мерки, во Македонија рестрикциите значително не се менуваат, иако бројот на активни ковид случаи се искачи над 8.500. Единствено се менува тоа што во сите објекти од затворен карактер, трговски центри и угостителски објекти, се дозволува влез исклучиво со две примени дози вакцина. Досега влез се дозволуваше и само со една примена доза.

Сепак, главен проблем во земјава останува тоа што не се врши задоволителна контрола на вакциналните сертификати. На почетокот на изгласувањето на мерката во рестораните и кафетериите се вршеа проверки од страна на редари, но практиката е замрена. Работата ја отежнува тоа што редарите немаат овластување да проверуваат дали идентитетот на лицето што влегува во објектот е истото од вакциналниот сертификат или не.

Комисијата за заштита на населението од заразни болести неделава треба да одлучува дали ќе има дополнителни забрани за македонските граѓани што не се вакцинирани против ковид-19. Директорот на Институтот за имунологија доктор Александар Петличковски ги оправдува рестриктивните мерки фокусирани на невакцинираните.

– Од она што го гледам, рестриктивните мерки повеќе даваат резултат. Тие подразбираат забрана за посета на затворени простории, задолжително тестирање на трошок на оној што не се вакцинирал, лекување во случај на заболување на трошок на тој кој не се вакцинирал и слично. Јас ги оправдувам сите вакви мерки, кои ќе ја зголемат стапката на вакцинација, бидејќи според сите научни докази, вакцинацијата е најјасниот излез од кризата – рече Петличковски во неделното интервју за РСЕ.

Во меѓувреме, Институтот за јавно здравје врши секвенционирање примероци од делта плус варијантата на коронавирусот, кој е поразорен и позаразен. Досега во земјава не се регистрирани позитивни случаи на сојот ковид делта плус.

Додека Македонија се премислува за мерките, во многу европски земји се воведуваат сè поригорозни забрани, чија цел меѓу другото е да се поттикнат невакцинираните да се вакцинираат. Во Италија, на пример, вработените во јавниот и во приватниот сектор мора да покажат доказ дека се вакцинирани, доказ дека прележале ковид-19 или негативен тест ако сакаат да стапнат на работното место. Ова ги наполни италијанските улици со демонстранти, но не ги поколеба италијанските власти во намерата да обезбедат колективен имунитет на своето население.

Во Австрија во наредните 10 дена ќе има рестрикции во движењето за невакцинираните. Тие смеат да излегуваат од дома само за да стигнат до работното место, да купат прехранбени производи или ако им затреба лекарска услуга. На ваков локдаун за невакцинирани Австрија се одлучи при 65 проценти вакцинирано население.

Во Хрватска, за невакцинираните вработени во јавниот и во приватниот сектор, задолжителни се тестирања неколкупати неделно, и тоа на трошок на вработениот. Во оваа земја навечер на полноќ се затвораат сите угостителски објекти, ноќните клубови и казината. Во Словенија, каде што се вакцинирани половината од граѓаните, во сите јавни установи и во јавниот превоз се дозволува употреба само на маските со стандардот ФФП2, кои се применуваат и во хирургијата.

Во Црна Гора се разгледува можноста вакциналниот сертификат да биде задолжителен за вработените во здравството, образованието, полицијата и војската. Од 1 декември вакцинален сертификат ќе биде задолжителен за влез во јавниот превоз и во големи продавници (над 1.000 квадратни метри), со исклучок на супермаркетите за храна. Забранети се прослави, веселби, свадби, дочеци на Нова година и други масовни собири, дури и на отворен простор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот