Научниците предупредуваат: Топлината на океаните ги урна сите рекорди!
Климата на Земјата е понеурамнотежена од кога било досега, а периодот 2015-2025 година е потврден како најтоплите 11 години во историјата на мерењата, се наведува во годишниот извештај на Светската метеоролошка организација за состојбата на глобалната клима.
Препорачано
Особено е забележано дека содржината на топлината во океаните достигнала рекордно ниво во 2025 година, бидејќи морињата и понатаму апсорбираат околу 91 отсто од вишокот енергија заробена поради незапамтените нивоа на гасови на стаклената градина во атмосферата, пишува „Саенс алерт“ (Science alert).
Ова е прв извештај за состојбата на глобалната клима што го вклучува енергетската нерамнотежа на Земјата како клучен показател.
Секоја година, одредена количина сончева енергија стигнува до нашата планета. Во теоретски „стабилната“ клима, количината на енергија што доаѓа би била приближно еднаква на количината што излегува.
Огромни количини на гасови на стаклените градини во атмосферата ја спречуваат таа енергија да се врати во вселената. Наместо тоа, обидувајќи се да се распореди низ Земјата, таа енергија продира во нашата околина, особено во океаните.
Според извештајот, само еден отсто од тој вишок енергија останува во атмосферата. Пет отсто се акумулираат на копното (особено на урбаните топлински острови). Три отсто ги апсорбира мразот, придонесувајќи за топење на глечерите.
Останатите 91 отсто од енергијата што ја апсорбираат океаните е тешко да се сфатат, но извештајот го објаснува тоа низ количината на складирана топлина.
Во 2025 година, содржината на топлина во океаните ги надминала сите рекорди во изминатите 66 години, надминувајќи го рекордот од 2024 година за околу 23 зетаџули.
Тоа е огромен скок, со оглед на тоа што разликата од 14 зетаџули помеѓу 2020 и 2021 година изгледала загрижувачки во тоа време.
Тоа е во текот на целата 2025 година секоја секунда секој ден да сме детонирале 12 бомби од Хирошима во океанот.
И тоа е само топлината апсорбирана во првите 2.000 метри длабочина на океанот.
Иако способноста на океанот да апсорбира топлина и јаглерод диоксид се чини дека ги „ублажува“ климатските промени на копно, моделите покажуваат дека дури и ако луѓето целосно престанат да испуштаат емисии на гасови на стаклената градина, само Јужниот Океан ќе продолжи да ослободува топлина и да го поттикнува глобалното затоплување најмалку уште еден век.
Покрај тоа, потоплите океани поттикнуваат посилни бури, што доведува до почести и поинтензивни екстремни и смртоносни временски појави, како што се ураганот Мелиса, тропските циклони Сењар и Дитва и тајфуните во Виетнам и Филипините, кои сите се случија во 2025 година.
Ова е исто така многу лоша вест за животот во океаните – и за заедниците што зависат од морските ресурси. Интензивните и невидени морски топлотни бранови во последниве години покажуваат колку е всушност товарот на тој наводен „тампон“.
Покрај тоа, морските топлотни бранови често доведуваат до дополнителни испуштања на гасови на стаклената градина, бидејќи мртвите риби и други организми се распаѓаат по ваквите настани.
Освен сончевата енергија, извештајот на Светската метеоролошка организација наведува дека океанот апсорбирал и 29 отсто јаглерод диоксидот кој во последната деценија е емитиран од човечките активности. Кога јаглерод диоксидот се раствора во вода, таа станува покисела.
Многу видови планктони – микроорганизми што ја формираат основата на морските синџири на исхрана – практично се раствораат во сè покиселите океански води.
Покиселата морска вода им отежнува на организмите што создаваат калциум карбонат, како што се планктоните и коралите, да ги изградат и одржуваат своите школки, скелети и други структури; во многу кисели води тие дури можат и да се растворат.
Емисијата на гасови од стаклената градина од човечките активности – првенствено употребата на фосилни горива за речиси сите аспекти од нашите животи, како и емисиите од земјоделството – доведоа до брзи и големи промени за само неколку децении.
„Кога историјата се повторува 11 пати, тоа веќе не е случајност. Тоа е повик за акција. Во ова време на војни, климатскиот стрес открива уште една вистина: нашата зависност од фосилните горива ја дестабилизира и климата и глобалната безбедност. Денешниот извештај треба да носи предупредување: климатскиот хаос се забрзува, а одложувањето е смртоносно“, рекол генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш.
Извештајот се базира на податоци и придонеси од националните метеоролошки и хидролошки служби ширум светот, регионалните климатски центри на Светската метеоролошка организација, партнерите на Обединетите нации и десетици експерти.


