Сцена од филмот „17“ на Косара Митиќ

Награда за филмот „17“ на Косара Митиќ на фестивалот во Болцано во Италија

Дебитантскиот игран филм „17“ во режија на Косара Митиќ, кој учествуваше на 39. Филмски фестивал во Болцано, Италија, како филм во Главната натпреварувачка програма, ја освои Наградата за поддршка на дистрибуцијата на филмот од автономната покраина Трентино – Јужен Тирол.

Меѓународното жири кое одлучуваше за наградите беше во состав Андреа Бернард – режисер и архитект од Италија, Сузан Бург – филмска критичарка од Германија, Роберто Фарнети – доцент по политички науки од Италија, Ана Ладиниг – кураторка и културна работничка од Австрија и Фредерик Мер – филмски новинар и критичар од Швајцарија.

– Наградата за дистрибуција на филмот од автономната покраина Трентино – Јужен Тирол оди за убедливиот дебитантски игран филм од млада режисерка. Моќен и интензивен филм кој не му остава на гледачот друг избор освен да продолжи да гледа. Сместен во националистичко и патријархално општество, тој слика прецизен портрет на еден свет во кој мажите се обликувани од длабоко вкоренетото чувство на привилегираност и во кој насилството, вклучително и врз жените, е дел од секојдневниот живот. Режисерката е фиксирана на изразот на протагонистката: нејзината изведба го носи филмот со суров и постојан емоционален интензитет. Го наградуваме ова дело за неговата формална прецизност и повикот за итно општествено дејствување. Тоа е филм што едноставно мора да се погледне, особено од младата публика низ цела Европа, бидејќи се осврнува на реалност која, иако специфична за локацијата, сепак е и пошироко болно препознатлива – образложи жирито.

Следуваат два нови фестивали за „17“ – 22. Интернационален филмски фестивал Лас Палмас де Гран Канарија, кој ќе се оджува од 23-ти април до 3-ти мај, и 20. Филмски фестивал „Кросинг Јуроп“, кој ќе се одржи од 28-ми април до 3-ти мај во Линц, Австрија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот