Цената на нафтата дивее, се подготвува ли нов бран поскапувања?
Растот на цените на енергенсите на светските пазари повторно го отвора прашањето за нивното влијание врз инфлацијата во Македонија. Движењата на цената на нафтата и природниот гас имаат силно влијание врз ценовната стабилност во земјата, бидејќи голем дел од економијата директно или индиректно зависи од увоз на енергија. Транспортните компании веќе прават пресметки за колку ќе се зголеми цената на транспортот со сегашната цена од 90 долари за барел.
Препорачано
Повисоките трошоци за превоз значат дека компаниите плаќаат повеќе за доставување на суровини и готови производи. Овие зголемени трошоци најчесто се префрлаат врз потрошувачите, што резултира со повисоки цени во продавниците. Сојузот на стопански комори пак со став дека секоја компанија само извесно време може да ги толерира зголемените цени на репроматеријалите. Моментот кога ќе процени дека е неликвидна, автоматски ќе ги зголеми цените на крајните производи.
Транспортот поскапува двапати
Транспортните компании велат дека зголемените цени на нафтата се уште еден проблем што се појавува во нивното работење. По проблемите што ги имаат со броењето на денови за престој на возачите во Шенген-зоната, сега имаат и нови многу повисоки цени на горивата.
– Зголемените цени на нафтата двојно ќе влијаат на крајните цени до потрошувачите и секако на инфлацијата. Прво се транспортираат репроматеријали со повисока цена на нафтата до фабриките, а потоа производот кој е добиен од тие репроматеријали се носи до крајниот потрошувач. Ова двојно влијае на инфлацијата. Подготвуваме допис до владата во кој бараме да се враќа дел од акцизата со цел да ни се олесни работењето, но и да се намали влијанието на енергенсите врз крајниот производ – вели Билјана Муратовска, претседател на Асоцијацијата на транспортери „Макам-транс“.
ЕУ: Земјите членки имаат доволно резерви на нафта и гас! Нема индикации за вонредна состојба
Таа вели дека ако на 28 февруари нафтата чинеше 63-64 долари за барел, во петокот достигна 90 долари, а вчера скокна на 116 долари, па се намали на 90 долари, очекувано е да има зголемен удел во крајната цена.
– Македонија е земја која во голема мера увезува нафта и природен гас, па секое поскапување на светските берзи брзо се пренесува и на домашниот пазар. Најдиректно тоа се чувствува преку цените на горивата, кои се одредуваат врз основа на движењата на меѓународните пазари и курсот на доларот. Кога цената на нафтата расте, растат и цените на бензинот и дизелот, што веднаш ги зголемува трошоците за транспорт – велат транспортерите.
Секоја компанија има црвено светло
Горан Ѓорѓиевски, претседател на Сојузот на стопански комори на Македонија, вели дека ние како земја сме увозно зависни од енергенси и дека нафтата и гасот се само дел од нив.
– Не се само нафтата и нафтените деривати дел од производството. Цел сет на производи се со зголемени цени кои влијаат на синџирот на производство. Секоја компанија не може вечно да ги толерира зголемените цени. Секоја од нив ќе седне и ќе направи анализи бидејќи има момент до кога ќе се дозволи цените на импутите да растат. Компанијата не може да се доведе во состојба да биде неликвидна или да пропадне и ќе мора да реагира – вели Ѓорѓиевски.
Тој објаснува дека државата во вакви услови треба да интервенира преку стоковите резерви на нафта за да се ублажи ударот на економијата. Ѓорѓиевски вели дека новата цена на енергенсите има силна реакција врз економијата, а ако кризата се продлабочи, не знае колку компаниите ќе можат да се справат со новите цени.
Во Македонија освен нафтата, и гасот се користи во дел од индустријата, особено во металургијата, прехранбената индустрија и производството на градежни материјали. Кога цената на гасот расте, компаниите се соочуваат со повисоки производствени трошоци, што повторно може да доведе до поскапување на производите на домашниот пазар.
Помала економија, поголемо влијание
Економистите предупредуваат дека инфлацијата предизвикана од енергенси е особено чувствителна бидејќи ги погодува речиси сите сектори од економијата. Освен транспортот и индустријата, повисоките цени на енергијата влијаат и врз земјоделството, каде што горивото и енергијата се важен дел од производствените трошоци.
Професорот Борче Треновски вели дека движењето на цените на нафтата на светските пазари останува еден од клучните фактори што може да влијае на економијата во наредниот период.
– За мала и увозно зависна економија како македонската, ваквите надворешни ценовни шокови се чувствуваат релативно брзо. Сепак, ефектите врз економијата ќе зависат и од тоа колку долго ќе трае растот на цените на нафтата – вели Треновски.
Добрите познавачи на состојбите велат дека ваквите шокови од енергетските пазари во мали економии обично се чувствуваат со задоцнување од неколку месеци. Тоа значи дека ако цените на нафтата и гасот продолжат да растат во наредниот период, можно е ефектите врз инфлацијата да станат поизразени подоцна во текот на годината.
Сепак, дел од ефектите може да се ублажат преку владините мерки, како што се субвенции за електрична енергија, ограничување на маржите или интервенции во енергетскиот сектор. И покрај тоа, експертите оценуваат дека Македонија, како мала и увозно зависна економија, останува чувствителна на глобалните енергетски движења.
Во такви услови, внимателното следење на светските пазари на нафта и гас ќе биде клучно за прогнозите за инфлацијата во земјата. Доколку цените на енергенсите продолжат да растат, притисокот врз животниот стандард на граѓаните и трошоците на компаниите може дополнително да се зголеми.


