Повеќе бензиски пумпи по 22 часот не точат гориво
Граѓаните кои се обидоа да наточат гориво вчера по 22 часот беа непријатно затекнати, на влезот на безниските имаше лента и тие не точеа гориво. Пред бензиските се собираа нервозни граѓани кои бараа одговор зошто се случува тоа, но вработените само одговараа дека така им било наложено.
Препорачано
– Поминав низ повеќе бензиски пумпи од разни дистрибутери на нафтените деривати и кај сите ја затекнав истата состојба – не точеа гориво. На крајот одвај најдов бензин на една помала пумпа – вели еден скопјанец.

Наша сограѓанка пак тврди дека нешто пред 22 часот ѝ било дозволено да наполни бензин, но само за 1.000 денари.
– Прашав зошто е тоа така, ми одговорија дека имаат ограничување на количината и дека добро што сум дошла пред 22 часот, затоа што потоа нема да смеат да точат бензин. Се бунев дека ми треба повеќе бензин за патување од количината за илјада денари, но продавачот беше упорен дека не смее повеќе да ми наточи – вели нашата сограѓанка.
Цените на суровата нафта на берзите постојано се зголемуваат по тензиите на Блискиот Исток.
Регулаторна комисја за енергетика (РКЕ) последна измена на цените на нафтените деривати направи на 2 март, кога и соопшти дека одлуки за менување на цени може да има и секојдневно, зависно од цените на нафтените деривати. На 4 март, го измени правилникот за формирање највисоки малопродажни цени на одделни нафтени деривати и место можност за секојдневно менување на цените, одучи нови цени да соопштува секој понеделник.


