Надал го преживеа маратонот со Шаповалов и обезбеди полуфинале на Австралија Опен

Надал е на две скалила од 21 гран слем титула/ фото: EPA-EFE/DEAN LEWINS

Рафаел Надал се пласира во полуфиналето на Австралија Опен откако го голема борба и пропуштена предност од два сета, сепак на крајот успеа да го победи Денис Шаповалов со 6:3,6:4,4:6,3:6,6:3. Во женска конкуренција, Медисон Киз ќе игра во полуфиналето откако во два сета со 6:3,6:2 ја елиминира шампионката од Ролан Гарос, Барбора Крејчикова.

Првиот сет го одлучи само еден брејк, тој на Надал во четвриот гем по што поведе со 3:1 и со сигурен сервис ја задржа предноста. Во вториот сет, Шаповалов влезе во расправија со судијата обвинувајќи го Надал дека одолговлекува и со тоа му го нарушува ритамот при сервирање. Поплаките не му помогнаа на канадскиот тенисер кој повторно загуби гем на свој сервис, и тоа седмиот кој се покажа како одлучувачки за освојување на сетот.


Во наредниот трет сет, Шаповалов конечно заигра подобро, прво пропушти две брејк топки, но потоа во десеттиот гем успеа да го одзеде сервисот на Надал и да намали на 2:1 во сетови.
Освоениот сет му даде крилја на Канаѓанецот и во четвриот сет веднаш направи брејк и поведе со 4:1 и откако успеа да спаси две брејк топки во деветтиот гем,  го освои сетот и израмни на 2:2.

Во одлучувачкиот сет, прв се закани Шаповалов кој имаше брејк топка во првиот гем која не ја искористи. Казната стигна во наредниот гем, Надал направи брејк и потоа со сигурен сервис поведе со 3:0 со што конечно го скрши отпорот на Шаповалов. Канаѓанецот до крајот на мечот немаше ниту една брејк шанса и Надал обезбеди пласман во полуфиналето каде ќе игра со подобриот од дуелот Матео Беретини – Гаел Монфилс.

Кај дамите, Медисон Киз прва обезбеди полуфинале во Мелбурн откако со 6:3,6:2 ја елиминира шампионката од Ролан Гарос, Барбора Крејчикова.
Првиот сет беше решен со брејк на Киз во шестиот гем кога поведе со 4:2 и до крајот не и дозволи брејк шанса на Крејчикова. Во вториот сет, Киз на стартот направи два брејка за водство од 3:0 со што ги реши дилемите околу победникот .
Киз во полуфиналето ќе игра со победничката од дуелот Ешли Барти – Џесика Пегула.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот