Надал донесе исправна одлука, кај дамите настапот на УС Опен го откажаа и Свитолина и Бертенс

EPA-EFE/YOAN VALAT

Двете тенисерки кои се во топ 10 на ранг листата и се приклучија на првата светска тенисерка Ешли Барти и го откажаа настапот на грен слем турнирот во Њујорк.

Украинката Елена Свитолина и Холанѓанката Кики Бертенс се последните тенисерки кои го откажаа настапот на УС Опен.
– Земајќи ги во предвид случувањата одлучив да не настапам на УС Опен. Ги разбирам и ги почитувам напорите кои УСТА, организаторот и ВТА ги вложија за да се одржи турнирот и да биде безбеден за сите учесници, но јас не сакам да ризикувам и да патувам во САД – порача Свитолина која се наоѓа на петтото место на ВТА ранг листата.

Од истите причини се повлече и седмата најдобра тенисерка, Кики Бертенс.
– Одлучив да не патувам во САД и да не играм на УС Опен. Ситуацијата со пандемијата на коронавирусот е понатаму е загрижувачка, а здравјето на сите е приоритет.


Кај мажите најзвучно име кое го откажа настапот е актуелниот шампион на УС Опен, Рафаел Надал, додека за Федерер сезоната одамна е завршена поради двојната операција на коленото. Неговата одлука да не игра ја поздрави и вујко му Тони Надал.
– Одлуката на Рафа никого не изненади и е очекувана. Разговарав со него во последните недели, Рафа е внимателен и верувајте дека донесе паметна одлука. Кога состојбата е ризична, не сакате да бидете далеку од својот дом – изјави Тони Надал.

Поранешниот тренер на освојувачот на 19 грен слем титули објасни зашто тенисот е поризичен од фудбалот кој се врати на големата сцена.
– Тие спортови се различни, во фудбалот екипите ќе отпатуваат 24 часа пред натпреварот, ќе одиграат и потоа брзо се враќаат дома. Кога станува збор за тениските турнири, вие сте на едно место и таму може да останете и 25 дена. За тоа време лесно може да се заразите и разбирам зашто играчите не сакаат да ризикуваат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот