Многумина би се изненадиле: Овој актер бил прв избор за главната улога во „When Harry Met Sally…“
Актерите Том Хенкс и Мег Рајан не се странци на големото платно. Оваа двојка глумеше шармантен пар во романтичните комедии „Sleepless in Seattle“ (1993) и „You’ve Got Mail“ (1998), во режија на покојната Нора Ефрон.
Но, малкумина знаат дека тие двајца требало да глумат заедно и неколку години претходно, поточно во култниот филм „When Harry Met Sally…“ (1988).
Рита Вилсон, сопругата на Том Хенкс, гостуваше во поткастот „Table for Two With Bruce Bozzi“ и сподели дека на нејзиниот сопруг му била понудена главната улога во овој филм – Хари Бурнс, но дека актерот не успеал да се поврзе со улогата, пишува „Ентертејнмент викли“.
На крајот, улогата отиде во рацете на актерот Били Кристал.
„Веројатно, многумина не го знаат тоа, но на Том му беше понуден филмот ‘When Harry Met Sally…’, но го одбил бидејќи тогаш поминуваше низ развод и беше многу среќен што не е оженет. Па, не му беше јасно како една личност која поминува низ развод може да си мисли нешто друго освен: ‘Толку сум среќен’“, откри Вилсон.
Како потсетување, Том Хенкс во тоа време се разведувал од својата сопруга Саманта Луис. Разводот бил финализиран во 1987, а Хенкс се оженил со Вилсон следната година.
Од друга страна, ликот Хари Бурнс во филмот се соочува со комплексни романтични врски и пријателства по тешкиот развод.