Критичарите воодушевени од новиот филм на Спилберг – „Ден на разоткривањето“ е негово најдобро дело во последните 20 години
Новиот филм на Стивен Спилберг под назив „Ден на разоткривањето“ (Disclosure Day) беше прикажан на претставници на филмскиот печат во пресрет на неговата премиера закажана на 12 јуни, а првичните реакции го опишуваат научно-фантастичниот филм за НЛО како „најдобриот филм на Спилберг во последните 20 години“, со огромни пофалби за главната актерка Емили Блант.
Препорачано
Главниот извештувач за забава на порталот „Гизмодо“, Жермен Лусие, ги сподели своите впечатоци на социјалната мрежа Икс:
– Го обожавам „Ден на разоткривањето“. Тоа е згуснато возење со ролеркостер кое спојува филм за брканица, љубовна приказна и мистерија, а сето тоа завиткано во научно-фантастично чудо. Ова е најдобриот филм на Спилберг во последните 20 години, исполнет со целата магија што ги прави неговите филмови толку посебни, со улога и изведба од Емили Блант што ќе се памети засекогаш, пишува „Варитети“.
Главниот уредник на порталот „Колајдер“, Стивен Вајнтрауб, се согласи со мислењето на Лусие:
– На апсолутно ничие изненадување, Стивен Спилберг постигна уште еден врвен успех со „Ден на разоткривањето“. Можев да зборувам без престан за тоа што ми се допадна, но имав среќа да го видам филмот не знаејќи речиси ништо за него, и топло ви препорачувам да го направите истото. Престанете да ги гледате трејлерите. Ќе кажам само една работа: Емили Блант е неверојатна. Знам дека големите летни блокбастери обично не се типови на улоги што привлекуваат внимание кога ќе дојде сезоната на награди, но кога луѓето ќе видат што направила во овој филм…
Филмскиот новинар Бил Бриа, исто така, ја истакнал „величествената композиција на кадри“, сценариото на Дејвид Кап кое го опишал како комбинација од „Досиеја Икс“ и „Библијата“ што претставува вистинско „одење по жица“, како и „најуспешната глума на Емили Блант и најдобрата музика на Џон Вилијамс во последниве години“, нарекувајќи го филмот „возбудливо и трогателно достигнување“.
Теса Смит, филмска и ТВ-новинарка од порталот „Ротен томејтоз“, вели дека на крајот „пролеала солза“:
– „Ден на разоткривањето“ е АПСОЛУТНО ФЕНОМЕНАЛНО! Нешто навистина посебно. Го голтав секој збор, хипнотизирана од приказната додека се одвиваше. Музиката совршено ја воздигнува секоја сцена. Делумно мистерија, делумно „Зона на самракот“, а сепак нешто сосема ново…
Емили Блант глуми метеоролог на ТВ-станица во Канзас Сити, која одеднаш е опседната од мистериозна вонземска сила додека снима временска прогноза во живо. Нејзе ѝ се придружува Џош О’Конор, кој игра човек кој верува во вонземски живот и е одлучен во намерата да ја открие вистината за животот надвор од Земјата на остатокот од светот. Остатокот од актерската екипа ги вклучува Колин Ферт, Ив Хјусон, Колман Доминго, Вајат Расел и Хенри Лојд-Хјуз.
Спилберг ја развил приказната со сценаристот Дејвид Кап, со кого претходно соработуваше на филмовите „Паркот Јура“, „Паркот Јура: Изгубениот свет“, „Војна на световите“ и „Индијана Џонс и кралството на кристалниот череп“.
„Ден на разоткривањето“ е 37-миот филм што го режира Спилберг. Филмографијата на овој голем автор е преполна со високобуџетни научнофантастични наслови, вклучувајќи филмови од серијалот „Паркот Јура“ и „Војна на световите“, како и класици како што се „Блиски средби од третиот вид“ и „Е.Т. вонземјанин“…


