Фото: EPA/YONHAP SOUTH KOREA OUT

Јужна Кореја спрема историски закон против нуклеарното вооружување

Ако биде усвоен, ова ќе биде прв јужнокорејски закон со кој изречно се забранува употребата на нуклеарен материјал за развој, производство или за поседување нуклеарно оружје.

Министерството за одбрана на Јужна Кореја планира законски да забрани нуклеарното гориво наменето за погон на подморници да се пренасочува за производство на нуклеарно оружје — потег со кој очигледно се настојува да се ублажат стравувањата од ширење нуклеарно оружје поврзани со програмата, објави „Кореја хералд“.

Министерството планира уште в среда да го објави предлог-законот, соопштија официјални претставници во вторникот.

– Министерството ја воспоставува правната и институционалната основа потребна за стабилно спроведување на програмата за подморници на нуклеарен погон. Предложениот специјален закон е дел од тие напори – изјави претставник на Министерството.

Според официјалните претставници, одредбата треба да одговори на загриженоста дека настојувањето на Сеул да набави подморници на нуклеарен погон би можело да го отвори патот кон развој на сопствена програма за нуклеарно оружје или да го зголеми ризикот од нуклеарно ширење.

Проектот „Џангбого-Н“

Ако биде усвоен, ова ќе биде прв јужнокорејски закон со кој изречно се забранува употребата на нуклеарен материјал за развој, производство или за поседување нуклеарно оружје.

Јужнокорејската влада во мај го претстави проектот „Џангбого-Н“, чија цел е земјата да набави подморници на нуклеарен погон. Планот следува по минатогодишната согласност меѓу претседателите Ли Џе-мјунг и Доналд Трамп за продолжување на проектот.

Сеул сега подготвува специјален закон што ќе ги уредува набавката, користењето и безбедноста на подморниците. Со него ќе биде забрането нуклеарното гориво наменето за погонот да се употребува за развој, производство или за поседување нуклеарно оружје. Јужна Кореја ќе мора да ги почитува обврските од Договорот за неширење на нуклеарното оружје и да соработува со контролите на Меѓународната агенција за атомска енергија и другите надлежни меѓународни институции.

„Подморниците ќе се вооружуваат со конвенционално оружје“

Владата нагласува дека подморниците ќе бидат вооружени со конвенционално оружје, додека, пак, нуклеарната технологија ќе служи исклучиво за погон. Предлог-законот предвидува и поголема флексибилност при утврдувањето на трошоците, роковите и договорните услови, особено ако се појават проблеми со обезбедувањето гориво.

Со програмата би управувал специјален комитет предводен од премиерот. Планот опфаќа изградба на три подморници со депласман од околу 8.000 тони, а првата треба да биде спуштена во вода во средината на 2030-те. Тие би користеле нискозбогатен ураниум со помалку од 20 проценти ураниум-235.

Најголемата пречка, сепак, останува договорот со Вашингтон за набавката и надзорот на нуклеарното гориво, од кој во голема мера ќе зависи динамиката на целиот проект.

Поранешниот јужнокорејски претседател е осуден за лажење во изборната кампања

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот