ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Д-р Спасовски: „Тивок убиец“ кој води кон дијализа — во Македонија околу 1.600 пациенти живеат со хронична бубрежна болест
Хроничната бубрежна болест е една од најподмолните заболувања бидејќи долго време може да поминува без јасни симптоми. Во Македонија околу 1.600 пациенти се на дијализа, а годишно меѓу 250 и 300 лица добиваат нова дијагноза и потреба од некој вид заместителна терапија – дијализа или трансплантација. За оваа тема во емисијата „Медицинско катче“ разговаравме со проф. д-р Гоце Спасовски, специјалист нефролог од „Аџибадем Систина“.
Препорачано
Според професорот Спасовски, состојбата во Македонија е слична како и во останатиот дел од светот.
-Новите пациенти кои годишно стигнуваат до терминална бубрежна инсуфициенција се околу 120 до 165 на милион жители. Тоа значи дека имаме околу 250 до 300 нови пациенти годишно кои имаат потреба од дијализа или трансплантација – вели тој.
Во земјава функционираат повеќе од 20 дијализни центри, а годишно се прават околу 25 до 30 трансплантации на бубрег. Хроничната бубрежна болест често се открива доцна бидејќи пациентите немаат карактеристични симптоми во раните фази.
Најважни ризик-фактори се дијабетес, висок крвен притисок, хронични воспаленија на бубрезите (гломерулонефрити), генетски заболувања, како полицистична бубрежна болест, камења во бубрезите и неправилна исхрана, но и недоволна физичка активност.
-Ако човек не прави редовни лабораториски контроли, анализа на урина, мерење притисок и ехосонографија, болеста може да напредува незабележано до терминална фаза – предупредува нефрологот.
Дијабетесот и хипертензијата се меѓу најчестите причини за оштетување на бубрежната функција.
-Високиот шеќер и високиот притисок со години ги оштетуваат бубрежните крвни садови. Пациентите често се навикнуваат на хипертензијата и доаѓаат доцна, кога веќе има сериозно оштетување – објаснува проф. Спасовски.

Тој нагласува дека овие пациенти имаат и зголемен ризик од кардиоваскуларни заболувања и смртност. Бубрежната функција природно се намалува со возраста, но хроничната бубрежна болест може да се појави и кај млади луѓе.
-По 40-тата година, секој човек губи одреден процент од бубрежната функција годишно, но ако постои дебелина, дијабетес или хипертензија, тој процес значително се забрзува – вели докторот.
Според проф. Спасовски, медицината последните години направила голем напредок.
-Имаме нови терапии кои можат значително да го забават пропаѓањето на бубрежната функција. Особено важни се SGLT2 инхибиторите и нестероидните минералокортикоидни рецепторски антагонисти – посочува тој.
Целта е пациентите да не стигнат до петтиот стадиум на болеста, кога е неопходна дијализа.
-Од сите пациенти со хронична бубрежна болест, само околу 8 до 10 проценти ќе стигнат до дијализа. Кај останатите најчесто проблемот се кардиоваскуларните компликации – вели проф. Спасовски.

Најголема можност за забавување на болеста има во третата фаза, особено во стадиум 3Б, кога сè уште постои здрава бубрежна структура која може да се заштити. Дијализата денес овозможува пациентите да живеат и повеќе децении, но значително го менува начинот на живот.
-Најголемата разлика по трансплантацијата е слободата – можноста пациентот повторно да патува, да работи и да живее без зависност од апарат – вели нефрологот.
Тој смета дека Македонија треба дополнително да го развива системот на трансплантации, особено кадаверичните трансплантации.
Им советува на граѓаните редовна контрола на крвен притисок, проверка на шеќер во крвта, анализа на урина, доволен внес на течности, здрава исхрана, физичка активност и избегнување прекумерно внесување протеини и суплементи без медицински совет.
-Бубрезите долго време молчат. Затоа најважно е навреме да се открие проблемот, бидејќи раната реакција може да спречи пациентот да стигне до дијализа – порача проф. д-р Гоце Спасовски.


