Расте бројот на заразени со вирусот Западен Нил — кои се симптомите и како да се заштитите од убод на комарци
Бројот на заразени луѓе со западнонилска треска во Македонија се искачи на осум, од кои седум се потврдени случаи, а еден е веројатен, потврдија вчера од Институтот за јавно здравје за „Слободен печат“.
Препорачано
Светската здравствена организација (СЗО) и германското Министерство за надворешни работи предупредија за зголемување на бројот на случаи на вирусот Западен Нил во делови од Јужна Европа.
Посебна претпазливост се препорачува на сите што ова лето патуваат во Италија, Грција, Шпанија, Романија и Македонија.
Болеста нема специфичен лек ниту вакцина – единствената заштита е превенцијата од убоди од комарци.
Вирусот Западен Нил најчесто се пренесува преку заразени комарци. Додека кај некои луѓе симптомите можат да бидат многу благи, како што се блага температура и главоболка, кај други болеста може да предизвика опасни по живот симптоми, вклучувајќи воспаление на мозокот, пишува „Крени здраво“.
Благите симптоми на вирусот западен Нил најчесто се повлекуваат сами од себе, но тешките знаци и симптоми, како што се силна главоболка, дезориентација или ненадејна слабост, бараат итна лекарска помош.
Симптоми на вирусот Западен Нил
Кај голем број заразени лица, симптомите се многу благи или воопшто не се појавуваат. Кај околу 20 отсто од луѓето се развива блага западнонилска треска, а симптомите може да вклучуваат:
– температура
– главоболка
– болки во телото
– замор
– осип на кожата (повремено)
– отечени лимфни јазли (повремено)
– болка во очите (повремено).
Во некои случаи (помалку од еден отсто од заразените лица), може да се појават исклучително сериозни невролошки инфекции, кои може да вклучуваат:
– воспаление на мозокот (енцефалитис)
– воспаление на мозокот и околните мембрани (менингоенцефалитис)
– инфекција и воспаление на мембраната на ‘рбетниот мозок
– воспаление на ‘рбетниот мозок и акутна парализа, односно ненадејна слабост во мускулите на рацете, нозете или мускулите што овозможуваат дишење.
Знаците и симптомите на овие болести се:
– висока температура
– силна главоболка
– вкочанет врат
– дезориентација или конфузија
– недостаток на координација
– конвулзии
– болка
– делумна парализа или ненадејна слабост.
Знаците и симптомите на вирусот западен Нил обично траат неколку дена, но симптомите на енцефалитис или менингитис може да траат неколку недели, додека одредени невролошки последици, како што е слабост на мускулите, можат да бидат трајни.
Најголем ризик од развој на тешки форми на болеста имаат постарите и лицата со ослабен имунитет, како и хронично болните.
Причини за болеста
Вирусот Западен Нил се шири кај луѓето и животните преку заразени комарци, кои обично се хранат со заразени птици.
Бидејќи се во прашање комарци, болеста на Западен Нил најчесто се појавува во текот на топлото време, кога тие се активни. Инкубацијата, периодот од каснување од заразен комарец до појавата на првите знаци на болеста, обично трае 3-14 дена.
Вирусот не се пренесува директно од човек на човек (на пр. со кашлање, допирање итн.).
Во некои случаи, со вирусот Западен Нил можно е да се заразите на други начини, на пр. трансплантација на органи и трансфузија на крв. Меѓутоа, давателите на крв обично се тестирани за вируси, со што значително се намалува можноста за зараза.
Лекување на вирусот Западен Нил
Повеќето луѓе се опоравуваат од вирусот Западен Нил без лекување. Лековите против болки можат да ги олеснат благите главоболки и болките во мускулите.
Иако не постои директен лек за енцефалитис или менингитис, можеби ќе треба да престојувате во болница, примајќи интравенозни течности и лекови кои ги спречуваат другите видови инфекции.
Носењето заштитна облека, употребата на репеленти и отстранувањето на застојаната вода може да помогне во намалувањето на ризикот.
Во моментот не постои регистрирана вакцина за луѓе или специфична антивирусна терапија за вирусот Западен Нил.
Како да се заштитите од убод од комарец?
Германското Министерство за надворешни работи предупредува во препораките за патување дека вирусот Западен Нил редовно се појавува во текот на летните месеци, особено во Италија и Грција.
На патниците им се препорачува, особено во текот на денот и во самрак кога комарците се најактивни, да носат облека што покрива што е можно поголем дел од телото и редовно да користат средства (репеленти) против комарци.
За патувања во Романија, се препорачува доследна заштита од пролет до есен, додека за Македонија се нагласува потребата од зголемена претпазливост во текот на летото.
Затоа експертите истакнуваат дека најдобрата заштита е да се спречат каснувања од комарци со употреба на средства за репеленција, носење соодветна облека и избегнување на области со голем број комарци секогаш кога е можно.


