Два дена во месецот: Црна Гора воведува менструално отсуство од работа
Менструално отсуство во Црна Гора ќе можат да користат вработени жени со дијагностицирана секундарна дисменореја, откако пратениците денеска ги усвоија измените на Законот за задолжително здравствено осигурување. Новото право предвидува до два платени дена отсуство месечно, со надомест во висина од 100 проценти од платата, објавија црногорските медиуми.
Препорачано
Сепак, законот не воведува автоматски слободни денови за секоја жена која има менструални болки. Правото е ограничено на осигуренички кај кои лекар специјалист утврдил секундарна дисменореја – болна менструација предизвикана од претходно дијагностицирана гинеколошка состојба.
Во образложението се наведуваат состојби како ендометриоза, миоми, воспаление на јајниците, ендометријални полипи и полицистични јајници. Лекарското уверение ќе треба да се обновува секоја година и да му се доставува на работодавецот.
Слични национални решенија веќе имаат Шпанија и Португалија. Шпанија во 2023 година стана првата европска држава што воведе платено боледување за онеспособувачки менструални болки, со лекарска потврда и со надомест преку системот за социјално осигурување.
Португалија од април 2025 година дозволува до три последователни платени дена месечно за работнички со тешки и онеспособувачки болки предизвикани од ендометриоза или аденомиоза. Отсуството е оправдано со медицинска документација и не предизвикува губење на платата или на другите работнички права.
Црногорското решение е потесно од општата претстава за менструално отсуство, бидејќи правото го врзува за конкретна медицинска дијагноза. Истовремено, тоа ја отвора темата за состојби поради кои дел од жените работат со силни болки, но и за можната стигма при откривањето чувствителни здравствени податоци пред работодавецот.
Први во Европа: Шпанија усвои закон за платено „менструално отсуство“


