Фото: Монтажа

Трамп денеска ги пречекува Зеленски и Нетанјаху — за што ќе разговараат на средбите?

Украинскиот претседател Володимир Зеленски и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска ќе остварат средба со претседателот на САД, Доналд Трамп.

Средбата е особено важна за Нетанјаху пред парламентарните избори на 27 октомври. Само 33 отсто од Израелците го сметаат за најдобар кандидат за премиер, па се очекува да го нагласи блиското партнерство со Трамп и да побара обновување на воената офанзива против Техеран, анализира „Форајн полиси“.

Трамп, меѓутоа, изгледа повеќе е заинтересиран за повторно отворање и стабилизирање на Ормускиот Теснец, со цел да се намалат нарушувањата на светскиот енергетски пазар. Војната е непопуларна меѓу Американците поради поскапените горива и инфлацијата, а републиканците стравуваат од загуби на изборите за Конгресот во ноември.

Американскиот претседател вчера изјави дека сака да ѝ даде уште една можност на дипломатијата, но предупреди дека силните воени напади ќе продолжат ако преговорите пропаднат.

Несогласување за американскиот нуклеарен договор со Саудиска Арабија

Дополнителна точка на несогласување е американскиот нуклеарен договор со Саудиска Арабија. Вашингтон е подготвен да му помогне на Ријад да развие цивилна нуклеарна програма доколку кралството се приклучи кон Аврамовите договори. Израел се противи на саудиските нуклеарни амбиции, а Нетанјаху одбива нормализацијата да биде условена со отворање пат кон палестинска држава.

Тој најави и дека ќе присуствува на Генералното собрание на ОН, и покрај повикот на њујоршкиот градоначалник Зохран Мамдани да биде уапсен врз основа на налогот од Меѓународниот кривичен суд.

Од друга страна, пак, статусот на американско-иранските разговори останува неизвесен. Трамп тврди дека двете страни водат интензивни преговори за Ормускиот Теснец и за нуклеарната програма. Техеран, сепак, негира дека е заинтересиран за директни мировни разговори и тврди дека сè уште го контролира клучниот пловен пат.

Истовремено, Ирак, Јордан и Саудиска Арабија пријавија нови напади со дронови, додека јеменските Хути соопштија дека нападнале инфраструктура поврзана со транспортот на саудиска нафта.

Дали на Америка ѝ снемува оружје за војната во Иран?

Зајакнување на противвоздушната одбрана и договор за дронови

Зеленски се очекува да разговара со Трамп за зајакнување на украинската противвоздушна одбрана и за договор за беспилотни летала. Зеленски ќе присуствува и на комеморацијата за сенаторот Линдзи Греам.

Во меѓувреме, Пентагон го известил Конгресот дека преостанатите 400 милиони долари од воената помош за Украина нема целосно да бидат потрошени пред фискалната 2029 година, објави „Ројтерс“. Долгиот рок предизвикал незадоволство меѓу американските законодавци, со оглед на итната потреба на Киев од системи за противвоздушна одбрана.

Во контекст на конфликтот со Иран, украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха го обвини Техеран дека е „директен соучесник во руската војна бидејќи ја снабдува Москва со оружје што се употребува против Украина“. Изјавата следува откако украинските сили нападнаа ирански товарен брод во Каспиското Море, за кој Киев тврди дека превезувал делови за дронови и ракети наменети за Русија.

Трамп најави дека директно ќе разговара со рускиот претседател Владимир Путин за извештаите дека Москва му помага на Иран да напаѓа американски цели на Блискиот Исток.

Русија му помага на Иран во нападите врз американски цели, тврди Зеленски — Трамп рече „ќе го прашам Путин“

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот