Катамаранот од кој паднал капетанот кај Шолта Фото: Принтскрин / Министерство за море, транспорт и инфраструктура на Република Хрватска

ВИДЕО | Австриски капетан исчезна во бура кај Шолта — го бараат од море и од воздух

Голема потрага е во тек во водите кај хрватскиот остров Шолта откако 46-годишен австриски капетан паднал од катамаран за време на силна бура и исчезнал во морето, објави „Јутарњи“.

Несреќата се случила во неделата на катамаран произведен во 2021 година, на кој се наоѓале уште шест австриски државјани.

Според нивните изјави, капетанот отишол да го провери јажето кое се заплеткало околу пропелерот, но силниот ветер и високите бранови го исфрлиле во морето.

Тој не успеал да го фати јажето што му го фрлиле, а по неколку минути исчезнал под површината.

Потрагата продолжила вчера со испловување на пловила на Капетанијата од Милна и од Хвар, како и на поморската полиција.

Раководителот на Службата за безбедност на пловидбата при Капетанијата на пристаништето Сплит, Иван Паушиќ, потврдил дека ветерот и морето се смириле, па бил ангажиран и дрон, а во воздушното пребарување учествуваат и авион „Пилатус“ и хеликоптер.

„Пребаруваме околу јужната страна на Шолта и околу Дрвеник. Временските услови денеска се подобри, ќе подигнеме и дрон и ќе бараме и со чамци и со дрон“, изјави Паушиќ, додавајќи дека поради изминувањето на времето подрачјето на потрагата е проширено кон запад.

Паушиќ им се заблагодари на сите екипи кои учествувале во неделната потрага, истакнувајќи дека луѓето без прекин пребарувале речиси 12 часа, од утро до вечер.

Осврнувајќи се на околностите под кои се случила несреќата, тој предупреди на опасностите од пловење во лоши временски услови.

„Не испловувајте. Ако веќе мора да испловите, почитувајте ги сите безбедносни правила. Според мене, немало потреба за таква акција среде море, особено во такви услови“, нагласи Паушиќ.

Тој изрази надеж дека капетанот е сè уште жив, бидејќи температурата на морето е поволна.

Но, Паушиќ предупреди дека заморот и брановите ја отежнуваат борбата за опстанок, истакнувајќи дека одржувањето на површината без спасувачки елек бара голем физички напор.

Останатите шест патници биле згрижени во марина во Трогир и се во добра состојба. Исчезнатиот капетан имал лиценца 13 години, а пловилото имало уредна документација.

„Се надеваме и нема да се откажеме додека не го пронајдеме“, додаде Паушиќ.

Драма во близина на Сплит: се судрија катамаран и едрилица, има исчезнати

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот