Фото: Profimedia

Техеран разговара со Саудиска Арабија и со Оман — Трамп тврди дека преговорите со Иран „одат добро“

Иранското Министерство за надворешни работи продолжи да негира дека се водат директни преговори со САД, но посочи дека двете страни разменуваат пораки преку посредници.

Разговорите за иднината на Ормускиот Теснец продолжија и вчера, откако иранското Министерство за надворешни работи соопшти дека за овој стратешки важен поморски премин разговарало со претставници на Саудиска Арабија и на Оман, пишува „Си-ен-би-си“.

Иранскиот министер за надворешни работи, Сејед Абас Арагчи, одржал одделни телефонски разговори со саудискиот колега Фејсал бин Фархан и со шефот на оманската дипломатија Бадр ал-Бусаиди за „најновите билатерални и регионални случувања“, се наведува во соопштение објавено на „Телеграм“.

Според Министерството, во разговорите била нагласена потребата од зајакнување на соработката и унапредување на заедничките дипломатски напори за воспоставување стабилност во регионот и за отстранување на несигурноста во Ормускиот Теснец, која, како што се наведува, била предизвикана од „агресивните дејства на Соединетите Американски Држави“.

Разговорите се одржаа во период кога паузата во непријателствата меѓу САД и Иран, по две недели меѓусебни напади, засега се почитува. Нападите привремено запреа во петокот.

Дали на Америка ѝ снемува оружје за војната во Иран?

Саудиска Арабија пресретнала дронови

Сепак, другите актери на Блискиот Исток продолжија со воените дејства. Саудиска Арабија соопшти дека во текот на ноќта пресретнала „неколку беспилотни летала“, наводно лансирани од милиции во Ирак поддржани од Иран, кои биле насочени кон саудиските нафтени постројки.

Ирачките милиции не ја презедоа одговорноста за обидите за напад, додека јеменските Хути соопштија дека нападнале саудиски нафтени постројки. Поради тоа, во моментот не беше јасно кој ги извршил нападите.

Јорданската армија, исто така, соопшти дека во текот на ноќта соборила дрон во својот воздушен простор.

„Добри разговори се водат со Иран“

Американскиот претседател Доналд Трамп доцна вечерта вчера изјави дека со Иран се водат „добри разговори“. Иранското Министерство за надворешни работи, пак, продолжи да негира дека се водат директни преговори со САД, но посочи дека двете страни разменуваат пораки преку посредници.

Сепак, Трамп пред новинарите во претседателскиот авион изјави дека американските напади ќе продолжат доколку разговорите не донесат напредок.

Зборувајќи за преговорите со Иран на предизборен митинг во Мичиген, Трамп рече:

— Не можете да ги поткупите. Морате да ги победите, а ние жестоко ќе ги победиме. Но, ќе видиме како ќе заврши сето тоа. Во моментов се водат многу пријателски преговори.

Трамп денеска ги пречекува Зеленски и Нетанјаху — за што ќе разговараат на средбите?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот