Илустрација со фотографии на „Слободен печат“ Драган Митрески, и фотографија од архивата на „Слободен печат“
Илустрација со фотографии на „Слободен печат“ Драган Митрески, и фотографија од архивата на „Слободен печат“

Црни матичарски „тезги“: Кеш на рака за венчавки на диво, државата останува без денар

„Слободен печат“ разоткрива криминална мрежа во Управата за водење матични книги составена од легални матичари, кои на нелегален начин склучуваат бракови во скопските хотели и ресторани и се стекнуваат со материјална корист за себе. Оштетени од нивната злоупотреба на службената положба и овластување се државниот буџет, но и колегите матичари што работат законски. 

 

Еве ви телефонски број од матичар. Јавете му се, доаѓа во ресторан, нему му праќате лични карти, за цена ќе се договорите.

Ваквиот совет објавен на еден македонски интернет-форум беше само првата трага што го отвори истражувањето на „Слободен печат“ за длабоко инфилтрираната криминална мрежа во Управата за водење матични книги (УВМК). Нашата редакција откри разработена шема во која службени лица – матичари, за сопствена материјална корист вршат „венчавки на диво“ низ скопските хотели и ресторани, оштетувајќи го буџетот на државата, а полнејќи го сопствениот.

„Слободен печат“ слушна телефонски разговор кој директно инкриминира еден од матичарите. Во разговор по телефон со идна невеста која бара термин за регистрација во ресторан во октомври годинава, тој отворено нуди заобиколување на системот и наплата „на рака“. Идентитетот на идната невеста ѝ е познат на нашата редакција. Таа всушност ни дојави дека во Управата, каде месецов поднела легално барање за да склучи брак во ресторан во септември, наишла на одговор дека сите термини се зафатени освен два, кои не ѝ одговарале. Паралелно нејзин роднина директно контактирал матичар кој му кажал дека останати се само два термини и ако не резервираат еден од тие два термини, ќе останат без матичар на денот на свадбата.

Така таа почнала да се сомнева дека се прави вештачки дефицит на термини и дека зад тој дефицит можеби стои нешто многу подлабоко.

Таа впрочем, му се јави на матичарот чиј телефонски број беше објавен на интернет-форумот во наше присуство.

Во разговорот матичарот, чиј идентитет исто така ни е познат, а познат му е и на директорот на Управата за водење матични книги Фатон Фазлиу (затоа што овој директор му ги има дадено овластувањата на конкретниот матичар да склучува бракови) – го распрашува нашиот извор од каде ѝ е бројот, на што таа му одговара дека е од претходна препорака од претходно склучен брак на ист начин.

Според нашите информации, лани барем двапати овој матичар склучил брак во мај  и во септември во два елитни ресторани, без за тоа да има решение од директорот да оди на тој терен и без да биде извршена уплата на сметката на УВМК од 10.484 денари.

Во телефонскиот разговор матичарот го разгледа својот распоред за конкретниот датум, како што рече, „во тефтерчето“. Таму забележа дека веќе има закажано една венчавка во 18 часот, па затоа ја одби невестата терминот да биде во 18 часот и 15 минути. Го помести терминот за 18 и 30 за да може да стигне со веќе извадената матична книга со која ќе оди на првата свадба – во другиот ресторан на другиот крај на градот на својата „тезга“. На прашањето на идната невеста дали таа треба да оди во Управата за водење матични книги и да поднесе официјално барање за склучување на бракот во ресторан, тој ѝ рече:

„Ако отидете во УВМК да поднесете барање, ќе се пос*ре работата, да ми простите, ќе фрлите таму 11 илјади денари. Пратете ми фотокопии од личните карти на Ватсап, јас ќе ја завршам целата работа.“

На нејзиното прашање за цена, телефонскиот разговор откри една невидена лежерност.

Невестата: Ме интересира цена.

Матичарот: Мене ми даваат пет.

Невестата: Добро, дека ова е цена од минатата година од тој брак што сте го склучиле, си помислив да не има промена.

Матичарот: Нема промена.

 

Упатството е едноставно: наместо во официјалната канцеларија во зградата на „Нова Македонија“, процедурата се одвива преку приватни пораки

 

Законската регулатива за склучување брак надвор од службените простории е децидна. Процедурата налага поднесување официјално барање во УВМК, уплата од 10.500 денари директно на сметката на Буџетот на Република Северна Македонија, издавање писмено решение од директорот на УВМК со кое конкретниот матичар се овластува да излезе на терен во точно определен термин на определена локација. За овој ангажман, матичарот легално добива надоместок за три часа прекувремена работа (еквивалент на 300 до 600 денари).

Ваквите ниски надоместоци од 300 до 600 денари го стимулираат криминалот во Управата. Матичари со кои разговараше „Слободен печат“ ни кажаа дека за 2025 година уште не им се исплатени над 50 венчавки што ги завршиле легално, затоа што законот не му дозволувал на директорот Фатон Фазлиу да исплаќа повеќе од 32 прекувремени часови во месецот. Така, еден матичар смее да склучи само 10 венчавки во ресторан месечно бидејќи за една таква венчавка добива пари колку за три прекувремени работни часови. Сите склучени венчавки надвор од тој број – на матичарите не им се исплатени!

– Поради ова, никој не сака да оди да венчава за 300-600 денари. За толку не може да се направи ни фризура – ни рече нашиот извор, матичар.

Така, за да ја заобиколат оваа процедура, дел од матичарите формирале сопствен „паралелен пазар“. Тие на своја рака, без решение од директорот, ги изнесуваат матичните книги надвор од институцијата.

Наместо државата да го наплати пропишаниот надоместок од 10.500 денари, матичарот зема 5.000 денари директно во својот џеб, а некои од нив и повеќе. „Слободен печат“ разговараше со младоженци кои склучиле брак на ваков начин и дел од нив воопшто не сфатиле дека процедурата треба да биде поинаква, напротив, сметале дека бидејќи матичарот доаѓа на терен со официјалната книга, сигурно после тоа тој „самиот ја врши уплатата“.

Официјалниот ценовник е во продолжение:

Ревизорскиот извештај „вреска“ дека во УВМК има масовна злоупотреба

 

Државниот завод за ревизија, во 2019 година има утврдено дека Управата за водење матични книги има црна дупка во приходите што ги остварува – издаваат повеќе изводи и вршат повеќе услуги отколку што наплаќаат. Парите ги нема во буџетот, но дали ги има во џебовите на вработените?

„На сметка на Управата уплатени се помалку средства по основ на издадени изводи, во износ од 901 илјади денари“, пишува во ревизорскиот извештај.

Се додава дека Управата треба да врши редовни контроли за реализираните барања по основ на наплатливи обрасци,  од страна на комисии формирани од директорот кои ќе потпишат записник откако ќе ја извршат контролата

„Во текот на 2019 година извршена е контрола само на едно матично подрачје. Отсуството на редовни контроли во работењето на подрачјата на Управата создава ризик од неправилности при издавањето на изводите и влијае врз навремено и квалитетно издавање изводи“, констатира ревизорот.

А потоа во ревизорскиот извештај наведено е и нешто клучно за темата на нашето истражување:

Извор ревизорски извештај на Државен завод за ревизија во Управа за водење матични книги во 2019 година / извор Државен завод за ревизија
Извор ревизорски извештај на Државен завод за ревизија во Управа за водење матични книги во 2019 година / извор Државен завод за ревизија

 

Дали вака склучените бракови се валидни?!

 

Адвокатката Неда Чаловска вели дека е фрапирана од нашето истражување. Запрашана дали вака склучените бракови се важечки, таа ни рече дека иако постои процедурална огромна грешка, сепак според неа браковите склучени и без уплата на сметката на УВМК се важечки.

– Се фрапирав. Сметам дека бракот кој е склучен на ваков начин е важечки затоа што се исполнети основните елементи за склучување на бракот: има волја од двете страни, има потпишување во матичната книга на венчаните и издаден е извод од матичната книга на венчаните. Меѓутоа, сепак, доколку претходно не било поднесено барање и се вршат вакви склучувања на брак, тоа претставува сериозен процедурален пропуст и во вакви случаи особено се доведува во прашање како се располага со личните податоци на луѓето, со оглед дека во тој момент матичарите немаат одобрение од органот кој што официјално треба да располага со личните податоци односно УВМК. Ако се случува ова, постои злоупотреба на службената положба и овластување и злоупотреба на службената должност – изјави Чаловска за „Слободен печат“.

Прашањата од „Слободен печат“ на кои директорот Фатон Фазлиу уште нема одговорено:

 

Колку одобренија за теренски венчавки се издадени во изминатите 6 месеци и дали е извршена ревизија на изнесувањето на матичните книги?

Од 2014 година до денес, во УВМК колку дисциплински постапки и со каков епилог, се водени поради тоа што матичари венчавале на диво на терен, без да биде уплатена такса за оваа услуга на уплатница и без да биде поднесено барање во Управата за водење матични книги за склучување на брак надвор од службените простории?

На каков начин се контролира вадењето на матичната книга од службените простории? Дали во службените простории имате камери, список на задолжување, односно дали може да кажете во секое време кај кого е матичната книга или може да си ја шетаат/крадат/злоупотребуваат на начин што кога се закажани три бракови, меѓу трите закажани бракови ќе може да се „вметнат“ уште три за кои нема уплата и нема барање? Какви механизми за контрола имате воведено во оваа смисла?

Дали ќе наложите ревизија на сите бракови коишто сите 11 конкретни матичари за Скопје ги имаат спроведено изминатата 2025 година надвор од службените простории, за да видите колку од нив се на диво, без уплатени пари во буџетот, односно да ја утврдите дискрепанцата меѓу склучени бракови и внесени пари во буџетот?

Во врска со исплаќањето на надоместоци на матичарите, како се врши исплаќањето на матичар од една свадба надвор од просториите на УВМК? Дали е точно дека за 2025 година, на матичари не им се исплатени надоместоците за ваквите венчавања надвор од просториите на УВМК и од кои причини? Се стимулира ли криминално поведение на матичарите поради начинот на исплата што им е недостоинствен, и се пресметува како прекувремени часови?

 

 

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот