ВИДЕО | Земјотрес со јачина од 7,1 степени ја погоди Јапонија, издадено предупредување за цунами
Силен земјотрес со прелиминарна магнитуда од 7,1 степени ја погоди денеска јапонската префектура Кумамото на југот од земјата, соопшти Јапонската метеоролошка агенција (JMA).
Препорачано
По земјотресот, издадено е предупредување за цунами поради можни бранови високи до еден метар. Јапонската влада издаде вонредни предупредувања за земјотрес за префектурите Кумамото, Нагасаки, Кагошима, Фукуока, Сага, Оита и Мијазаки, сите кои се наоѓаат на јужниот јапонски остров Кјушу.
Јапонија е една од сеизмички најактивните земји во светот, со земјотреси што се случуваат често, во просек на секои неколку минути. Земјата се наоѓа на таканаречениот тихоокеански Огнен Прстен, регион од вулкани и длабокоморски ровови што го опкружува Тихиот Океан, а Јапонија учествува со околу 20 проценти од сите земјотреси со магнитуда од 6 или повеќе степени во светот.
A few minutes ago: The stone walls of Kumamoto Castle collapsed following a magnitude 7.1 earthquake (地震 ) that struck 4 km southeast of Uki, Kumamoto Prefecture, Japan. pic.twitter.com/PwXwldRmIr
— Weather Monitor (@WeatherMonitors) July 28, 2026
„Кјушу електрик пауер“ соопшти дека земјотресот оставил околу 40.000 домаќинства без електрична енергија, додека железничкиот оператор „Џ.Р. Кјушу“ соопшти дека ги суспендирал услугите, вклучително и брзите возови „Шинкансен“.
Јапонската агенција за регулирање на нуклеарната енергија соопшти дека немало неправилности во работењето на нуклеарните централи во погодената област по земјотресот.
Јапонската премиерка Санае Такаичи, во објава на социјалната мрежа Икс, ги повика жителите да се држат подалеку од брегот. Таа додаде дека владата формирала кризен штаб за собирање информации, проценка на евентуална штета и подготовка на спасувачки операции доколку е потребно.
„Човечките животи се наш апсолутен приоритет“, рече Такаичи, повикувајќи ги жителите во областите најтешко погодени од земјотресот да бидат во состојба на готовност за можни силни потреси.


