Љубомир Фрчковски - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Љубомир Фрчковски - Фото Слободен печат - Методи Здравев

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Љубомир Фрчкоски: ВМРО-ДПМНЕ е предавник на македонските национални интереси и како таков ќе остане запаметен

„Надворешната политика е израз на тоа што се случува внатре во државата. Кога внатрешната политика е слаба, без концепт и без енергија за реализација, тогаш тоа се пренесува и во надворешната политика“, вели професорот Љубомир Фрчкоски во интервју за „Слободен печат“, оценувајќи ги состојбите во земјава, односите со ЕУ и новата геополитичка поставеност.

Според него, актуелната политичка криза не е само резултат на надворешни притисоци, туку пред сè на отсуство на јасна визија и политички проект.

„Последниве години гледаме еден колапс. Оваа генерација на ВМРО-вската политичка елита нема политичка идеја – ниту национална ниту либерална, ниту граѓанска. Владата е затворена во себе, во една празнотија и тврдоглавост околу ништо“, вели Фрчкоски.

Тој смета дека кога власта нема резултати и нема политика што произведува развој, се создава потреба за пронаоѓање внатрешен непријател и за создавање конфликти.

„Кога немате енергија што ја трошите во реализација на проекти, тогаш мора да најдете друга арена на судир. И тоа е овој мал фашизам што го нудат тие – пцуење по мрежи, омраза, нервоза, безобразни изјави. Претходно беа само шупливи изјавите, сега се безобразно шупливи“, вели професорот и додава:

„Тие имаат мандат да владеат, а не да се бават со опозицијата, таа може да биде каква сака, тоа не е задача на власта, туку треба да се бават со нешто по што ќе бидат запаметени, со нешто со што ќе ги браните националните интереси, а не со лузерска политика со која националните интереси ќе изгубат најмногу. И ВМРО во таа смисла се предавници на македонските национални интереси и како такви ќе останат забележани!“

Македонија не е заложник на Бугарија, туку на сопствените политички лаги

Говорејќи за спорот со Бугарија и за актуелните ставови на власта околу преговарачката рамка и билатералните протоколи, Фрчкоски смета дека Македонија не е заложник на Софија, туку на сопствените политички пораки и очекувања што ги создала во јавноста.

„Македонија е заложник на сопствените политички лаги, дефинитивно. Концептот со Бугарија, ако го прочитате, под услов да го прочитате, тогаш е јасно за што станува збор“, вели тој.

Според него, клучниот проблем е што политичките пораки што биле испраќани во изминатиот период не се совпаѓаат со реалноста на европскиот процес.

„Министерот за надворешни работи, по две години, утврдува нешто што требаше одамна да биде јасно – дека протоколите не се дел од преговарачката рамка. Преговарачката рамка е едно, протоколите се нешто друго“, вели Фрчкоски.

Тој објаснува дека според неговото толкување, од протоколите не може да произлезе нов услов или механизам за блокирање на преговорите.

„Од нив не може да произлезе ништо за преговорите во рамката. Ни да те фалат, ни да те критикуваат, ни петка, ни единица. Тоа е посебна траса, посебна шина, која нема директна врска со самата преговарачка рамка“, вели професорот.

На прашањето дали тоа значи дека Бугарија не може да стави вето, Фрчкоски прави разлика меѓу можноста за блокада од која било членка на ЕУ и причините за таквата блокада.

„Вето може да стави Данска, Холандија, кој било. Тоа никој не може да ви го гарантира. Но, не може да се каже дека од протоколите автоматски произлегува право на вето“, вели тој.

Според него, најмногу што може да произлезе од несогласувањата околу спроведувањето на договореното е политичка оценка или негативен извештај.

„Тоа е како кога учителката ќе те кара затоа што нешто не си направил добро. Може да има критика, но тоа не значи дека некој автоматски има механизам да го запре целиот процес“, додава Фрчкоски.

Фрчкоски не смета дека последните изјави на министерот за надворешни работи претставуваат нова надворешнополитичка иницијатива.

„Тоа не е пресвртница, тоа е празна изјава на човек што не е суштински фактор во таа ситуација“, вели тој.

Според него, проблемот е што власта не може лесно да го промени својот став без да признае дека претходната политичка реторика била погрешна.

Љубомир Фрчковски - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Љубомир Фрчковски – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Тој додава дека токму поради тоа, според него, власта се обидува да најде формула која ќе овозможи промена на позицијата без политичка штета.

„Целата приказна сега е спасување на образ. Заглавени се во сопствената реторика и не можат едноставно да кажат дека реалноста е поинаква од тоа што го зборуваа две години“, оценува професорот.

Фрчкоски смета дека изјавите од Софија исто така не треба да се читаат како замена за европскиот процес.

„Од Бугарија максимумот што може да се очекува е она што веќе го кажаа, дека уставните промени се услов. Но ние имаме работа со Европската Унија, не само со Бугарија. Имаме 26 други држави што се дел од процесот“, вели тој.

Според него, македонската политика треба да се врати кон реална европска стратегија.

„Ние имаме преговарачка рамка. Треба да си ја завршиме нашата работа. Таму нема закана за македонскиот јазик и идентитет. Напротив, тоа е дополнително потврдено. Проблемот е што се создава политичка драма околу нешто што не е така поставено“, вели Фрчкоски.

Говорејќи за новата геополитичка реалност и за односите со САД, Фрчкоски оценува дека Македонија мора да ја преиспита својата надворешнополитичка ориентација, бидејќи старата американска политика кон регионот повеќе не е иста.

„Во нормални услови би можело да се каже дека ние де факто го губиме стратешкото партнерство, не формално, туку во практична смисла. Додека функционира оваа администрација на Трамп, тоа партнерство нема да има ист ефект како порано“, вели Фрчкоски.

Според него, проблемот е што дел од македонската политичка елита го поистоветила традиционалното американско партнерство со конкретната политика на актуелната администрација во Вашингтон.

„Нашето идентификување со Американците не е со американската политика како таква, туку со режимот на администрацијата која сега владее таму. Но, тој режим исто така ги разочарува и нив“, оценува професорот.

Фрчкоски смета дека во новата американска политика Македонија не е меѓу приоритетите.

„Тие склопуваат стратегиски партнерства со Србија, имаат свои интереси во регионот, имаат линии со други држави. Македонија практично е прескокната од нивните главни интереси“, вели тој.

Како што додава, причината е што актуелниот пристап на администрацијата на Трамп е заснован на трансакциски односи.

„Тоа е политика на договори – ‘deal making diplomacy’. Македонија во тој модел не е атрактивна на начин на кој се некои други држави. Не сме пристаниште, не сме голем пазар, немаме нешто што во тој тип политика би нè ставило во прв план“, додава Фрчкоски.

Исто така, тој потсетува дека односите со САД историски имале огромно значење за Македонија – од безбедносната стабилизација, преку конфликтот во 2001 година, до стратешкото партнерство.

„Ние бевме традиционално проамериканска либерална групација во Македонија. Го следевме влегувањето на Американците – воено, разузнавачки, политички. Но сега се случува промена. Големите задачи што Америка ги имаше во регионот се завршени, а нашиот следен чекор е Европската Унија“, вели тој.

Според него, Македонија мора постепено да го пренасочи својот фокус кон Брисел.

„Една здрава политика на Македонија сега треба да биде дополнително ориентирана кон Европската Унија. Таму ни требаат и пари, и стабилност, и институционално зајакнување. Европа исто така се менува и се консолидира“, вели Фрчкоски.

Фрчкоски смета дека кризата во односите меѓу Европа и САД може да биде момент во кој ЕУ ќе изгради посилна сопствена политика.

„Европската Унија може ова да го искористи за своја консолидација. Не е здраво толку многу да зависите од некој трет, особено кога станува збор за безбедноста и стратешките прашања“, вели тој.

Според него, посилна Европа би имала директно влијание и врз земјите од Западен Балкан.

„ЕУ ќе мора да ги затвори слабите точки каде што постои можност за руска пенетрација – Молдавија, Србија, Босна, а за жал и Македонија како членка на НАТО“, вели професорот.

Тој смета дека притисокот од Европа нема да биде насочен кон Бугарија, туку кон македонската власт.

„Јас мислам дека ќе ја притиснат директно нашата влада, без многу дискусија. Што има повеќе да се притиска Бугарија? Бугарија веќе ја кажа својата позиција. Прашањето е дали Македонија ќе се движи во предвидлива линија НАТО-ЕУ“, вели Фрчкоски.

Според него, можен е модел сличен на оној што бил применет во други држави од регионот – притисок преку прашања поврзани со владеење на правото и корупцијата.

„Нема да одат да убедуваат дека ЕУ е добра. Ќе ги притиснат таму каде што боли, кај корупцијата и функционирањето на власта. Тоа е логиката што се користеше и претходно со Пржино“, вели тој.

Формула може да се најде

Фрчкоски очекува дека на крајот може да се најде формула што ќе ѝ овозможи на власта да направи чекор кон уставните измени без да изгледа како целосно повлекување.

„Ќе најдат некоја изјава или гаранција со која ќе си спасат образ. Можно е да влезат во процесот, а потоа да бараат политички механизми ако нешто не се исполни. Но суштината е дека ќе мора да се вратиме на европската траса“, оценува тој.

Осврнувајќи се на состојбата во опозицијата и на политичката сцена во Македонија, Фрчкоски вели дека политичките партии низ историјата поминувале низ периоди на пад и обновување, но дека клучното прашање е дали ќе понудат визија за иднината.

Според него, не е првпат една голема политичка опција да се најде во криза.

„Јас сум бил сведок на ситуации кога партии биле сведени на минимум, практично до нула, па потоа повторно се враќале. Тоа се случува во политиката. Гласањето во Македонија често е гласање против, а кога ќе дојде време, опозицијата повторно презема лидерска позиција“, вели Фрчкоски.

Тој смета дека за враќање на опозицијата не е доволна само критика кон власта, туку потребен е политички проект.

„Не е важно кој е таму, кое крило, која фракција. Важно е дали таа опција нуди можност за нормален живот, за граѓански живот и дали може да направи Македонија значајна држава, иако е мала држава“, вели професорот.

Во тој контекст, Фрчкоски ја издвојува политичката улога на Зоран Заев, оценувајќи дека неговото наследство треба да се гледа низ конкретните политички потези.

„Без оглед на симпатиите, Заев направи работи што се значајни за државата – од односот кон НАТО, човековите права, слободата на медиумите, па до Преспанскиот договор и европската ориентација“, вели тој.

Политичката тежина на еден лидер, како што вели, се мери според одлуките што ги носи, а не само според популарноста.

„Луѓето можат да го сакаат или да не го сакаат, но не можат да му го избришат фактот дека направил крупни политички чекори“, додава Фрчкоски.

Тој прави разлика меѓу различните генерации политичари во СДСМ, посочувајќи дека дел од нив имале различна улога.

„Киро и Заев се луѓе што носат крупни одлуки. Бранко Црвенковски има друга улога – тој е човек на партиската кохезија, на организацијата и на одржувањето структура. Но големите пресврти се врзуваат со одлуките што ја менуваат државата“, вели Фрчкоски.

Љубомир Фрчковски - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Љубомир Фрчковски – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Говорејќи за односите меѓу македонскиот и албанскиот политички блок, Фрчкоски оценува дека албанската политичка сцена природно поминува низ процес на промени и плурализација.

„Ние често мислиме дека имаме некакво влијание врз нив, но тие политички процеси кај нив си ги прават самите. Имало поделби меѓу партии, имало судири, но тоа е нормална политичка динамика“, вели тој.

Според него, проблемот е што власта не ја разбира доволно природата на македонското општество.

„Она што мене генерално не ми се допаѓа е што владејачката структура не разбира каква држава имаме. Ние немаме хомогена држава. Првите вмровци тоа го знаеле подобро од денешните политичари“, вели Фрчкоски.

Тој предупредува дека политиките што создаваат чувство на понижување кај одредени заедници можат да бидат опасни.

„Јазикот, институциите, договорите – тоа се столбови на нашата мултикултурна заедница. Не можете да ги користите како алатка за дневна политичка мобилизација“, вели тој.

Фрчкоски посебно го критикува односот кон прашањата поврзани со јазиците и правичната застапеност.

„Законот за јазици може да има слабости. Секако дека секој закон може да се подобрува. Но, тоа треба да се прави со добра волја и со почитување на препораките, а не со создавање чувство дека цел систем треба да се урне“, оценува тој.

Според него, опасноста е во создавањето политика што се храни со чувство на надмоќ над другите.

„Кога дозволувате луѓето да уживаат во понижување на други, тогаш создавате опасна политичка енергија. Тоа е моментот на мал фашизам за кој зборувам, не како историска квалификација, туку како начин на политичко однесување“, вели професорот.

На крајот, Фрчкоски оценува дека најголемиот проблем на актуелната политика е отсуството на јасна стратешка насока.

„Не можете истовремено да се судрите со Бугарија, да ги провоцирате Албанците, да се ориентирате кон север и кон авторитарни модели, а притоа да кажете дека имате стратегија. Каде ја водите државата?“, прашува тој.

Според него, Македонија мора да се врати кон политиката на предвидливост, институции и европска интеграција.

„Мала држава може да биде значајна ако има паметна надворешна политика. Ние тоа сме го покажувале. Но за тоа треба знаење, план и одговорност“, заклучува Фрчкоски.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот