Градот ќе ги намалува социјалните разлики со бесплатни униформи за „првачињата“ во средните училишта
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски не информира дали униформите ќе бидат задолжителни и во погорните класови, кај учениците од втора до четврта година, нешто што беше пракса пред повеќе години, кога учениците од секое средно училиште се препознаваа по униформата која ја носат.
Она што досега го прават повеќето скопски општини, од наредната учебна година ќе го практикува и Град Скопје – ќе дели бесплатни униформи на „првачињата“ во средните училишта.
Препорачано
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на Фејсбук се пофали дека ова се случува за првпат, со цел да се намалат социјалните разлики, да се олесни финансискиот товар на семејствата и да им се овозможи на учениците целосно да се насочат кон она што е најважно – образованието, личниот развој и градењето на својата иднина.
Училиштето треба да биде место каде што младите ќе се натпреваруваат во знаење, труд и успех, а не во тоа кој носи поскапа облека и чии родители имаат поголема финансиска моќ. Социјалните разлики неретко стануваат причина за поделби, дискриминација, па дури и булинг и затоа воведуваме мерка со која создаваме порамноправна, побезбедна и попријатна средина за сите ученици – смета градоначалникот на Скопје.
За основците од Гази Баба и наредната учебна година ќе има бесплатни униформи
Покрај ова, според него униформите треба да придонесат и за воспоставување еднаков и достоинствен кодекс на облекување, практика која со години се применува во голем број современи образовни системи.
Со низа конкретни мерки го претвораме училиштето во вистинска основа за знаење, успех и иден кариерен напредок. Во средина во која секое дете ќе се чувствува прифатено, почитувано и еднакво, без разлика на економскиот статус на неговото семејство. Затоа што вредноста на еден ученик не се мери според облеката што ја носи, туку според знаењето, карактерот и соништата што ги гради – напиша Ѓорѓиевски на Фејсбук.
Притоа, тој не соопшти колку ќе го чини финансиски ова градот и како ќе се натераат учениците да ги носат униформите кои бесплатно ќе ги добијат. Ѓорѓиевски не информира дали униформите ќе бидат задолжителни и во погорните класови, кај учениците од втора до четврта година, нешто што беше пракса пред повеќе години, кога учениците од секое средно училиште се препознаваа по униформата која ја носат.
Дали униформите ќе ги намалат социјалните разлики кај децата е прашање за дискусија, но секако ќе придонесат да се воспостави некој ред во облекувањето за време на наставата, доколку навистина се задолжени да ја носат.
Градоначалникот исто така не соопшти какви проекти спроведува Градот за намалување на булингот и меѓуврсничкото насилство меѓу средношколците, освен делењето на бесплатна униформа за учениците од прва година.


