Регулаторна комисија - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Регулаторна комисија - Фото Слободен печат - Методи Здравев

Комисијата за заштита на конкуренцијата „падна“ на ревизија — не знаеле кој доаѓа на работа, кој колку плаќа глоба

Ревизорите утврдиле дека во најголемиот дел од 2024 година Комисијата не работела во полн состав, бидејќи функционирала со претседател и тројца, наместо четворица членови.

Неусогласена материјална и сметководствена евиденција, неосигурен имот, иако тоа е законска обврска, немање единствена евиденција за предметите во кои се изречени глоби, слабости во јавните набавки и немање целосна евиденција за присуството на вработените за 2024 година, се само дел од забелешките на Државниот звод за ревизија за работењето на Комисијата за заштита на конкуренција. Исто така, ревизорите утврдиле дека во најголемиот дел од 2024 година Комисијата не работела во полн состав, бидејќи функционирала со претседател и со тројца, наместо четворица членови.

Државниот завод за ревизија (ДЗР) изрази мислење со резерва за финансиските извештаи и за усогласеноста со законската регулатива на Комисијата за заштита на конкуренцијата за 2024 година, констатирајќи серија пропусти во финансиското работење, управувањето со државниот имот, јавните набавки и административната евиденција. Ревизорите констатирале дека пописот не бил спроведен согласно Законот за сметководство на буџетските корисници.

„Пописната комисија извршила физички попис на опремата, но не е извршено усогласување на сметководствената евиденција со фактичката состојба. Пописните листи содржат количински, но не и вредносни показатели“, се наведува во извештајот.

Дополнително, ревизијата утврдила дека амортизацијата од претходните години во сметководствената евиденција е прикажана во повисок износ за 546.000 денари, што влијае врз реалноста на Билансот на состојба. Една од посериозните забелешки се однесува на фактот дека институцијата не презела мерки за осигурување на имотот.

„Од страна на Комисијата не се преземени активности за осигурување на целокупниот имот со кој располага (зграда, опрема, благајна)“, стои во извештајот.

Според ревизорите, ваквата состојба создава ризик државата сама да ги сноси трошоците доколку настане штета.

Нема единствена евиденција за глобите

Ревизијата покажала дека Комисијата нема воспоставено единствен систем за следење на предметите и побарувањата по изречени глоби.

„Не е воспоставена пракса за единствена евиденција на предметите и побарувањата по истите, што може да доведе до ненавремена наплата, односно нивно застарување“, наведува ДЗР.

Во текот на ревизијата Комисијата изготвила евиденција на активните предмети, нивниот статус и висината на изречените глоби. Ревизорите извршиле контрола на сите четири јавни набавки спроведени во 2024 година, во вкупна вредност од 1,18 милиони денари (околу 19.200 евра), и констатирале неправилности кај две од нив.

За набавката на три мобилни телефони, ревизорите оцениле дека техничките спецификации биле поставени така што упатувале на конкретен производител.

„Договорниот орган ја дефинирал техничката спецификација така што дадените карактеристики упатуваат на конкретен производител и производи“, се наведува во извештајот.

Кај јавната набавка за такси-превоз, пак, не бил јасно објаснет начинот на бодирање на понудите. Според ревизорите, овие пропусти можат да доведат до ограничување на конкуренцијата и фаворизирање на одредени економски оператори.

Не можеле да ги најдат евиденциите за присуство

ДЗР констатирал и пропуст во водењето на евиденцијата за присуство на работа.

„Евидентните дневни листи кои биле водени во 2024 година не ни беа доставени на увид, со образложение дека е поминат подолг период и не можат да ги најдат“, наведуваат ревизорите.

На увид била доставена евиденција само за три месеци од 2025 година, при што во неа не било евидентирано присуството на членовите на Комисијата. Ревизорите посочуваат дека институцијата речиси цела година не функционирала во законски предвидениот состав.

„Во 2024 година Комисијата функционира со претседател и тројца членови, односно со еден член помалку“, се наведува во извештајот.

Новиот член бил избран дури во декември 2024 година. Во текот на ревизијата, Комисијата ги прифатила забелешките на ревизорите и извршила сметководствени корекции. Според извештајот, активата и пасивата биле зголемени за 13,101 милион денари (околу 213.000 евра), поради евидентирање на зградата во која е сместена Комисијата, а корекцијата била направена во февруари 2026 година.

Ревизорите препорачуваат Комисијата да воспостави целосно усогласена материјална и сметководствена евиденција, да го осигури државниот имот, да воведе континуирана евиденција и следење на изречените глоби, да обезбеди уредно водење на евиденцијата за присуство на вработените и да ги подобри постапките за јавни набавки за да се обезбедат транспарентност и еднаква конкуренција.

На Врховен му фалат половина судии, а вработените го тужат и бараат околу 70 илјади евра, покажува ревизорскиот извештај

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот