Креативно студио со Мартина Тодоровска: Епоксидот и макрамето ми даваат бесконечни можности за создавање накит
„Различните култури отсекогаш ме инспирирале, а изработката на накит за мене стана медиум преку кој најблиску можам да ги истражувам, разберам и допрам тие далечни светови“, вели Мартина.
Уникатниот рачно изработен накит претставува многу повеќе од моден додаток, тоа е израз на креативноста, прецизноста и личниот белег на еден креативец.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Со техники како макраме, епоксидна смола и изработка со мониста, креативците создаваат уникатни парчиња што не можат да се репродуцираат сериски, а во тоа е целата убавина на изработката.
Токму ваквиот пристап го негува и Мартина Тодоровска, историчарка на уметноста, која преку својот мал бизнис „Лумина либера“ ги спојува љубовта кон уметноста, различните култури и современиот дизајн.
Mартина, од кога се занимавате со креативна работа? Што Ве инспирираше да почнете да изработувате накит?
– Креативноста се роди во мене уште од мали нозе, од кога знам за себе. Уште од мала цртав и сликав на платно, си декорирав облека и шиев чанти од материјалите кои ми беа достапни. Со изработка на накит започнав во средношколските денови, кога почувствував потреба да создадам нешто што не можев да го најдам на пазарот зошто беше во африкански стил. Различните култури отсекогаш ме инспирирале, а изработката на накит за мене стана медиум преку кој најблиску можам да ги истражувам, разберам и допрам тие далечни светови.

Кои техники и материјали ги користите при изработување на накитот?
– Со текот на времето пробав многу техники и материјали, сè додека не ја пронајдов онаа што најмногу ми легна. Започнав со изработка на обетки од мониста, потоа почнав да пројавувам интерес во изработка на ланчиња со конци и ставање додатоци, потоа епоксидот кој ми стана опсесија скоро три години и на крај макрамето во кое најмногу се пронаоѓам и засега ми е омилена техника. Моментално правам комбинација од епоксид и макраме, и таквиот спој отвора бесконечни можности за создавање автентичен накит.
Вашите производи се уникатни и колоритни. Од каде црпите инспирација за дизајнот на Вашиот накит и дали прифаќате сугестии од клиентите?
– Светот го гледам низ призмата на шареното, зошто токму и таков е. Боите за мене го прават човек жив, и секоја од нив си има свој карактер и симболика. Инспирацијата ја црпам од природата најмногу, која со нејзините форми и бои секогаш ме импресионира, но секако и луѓето, книгите, искуствата, и бесконечно други работи кои го сочинуваат животот.
Секако дека сум отворена за предлози од клиентите, а исто така сум отворена и за соработка со други креативци, со кој би можеле да разменуваме и прошируваме идеи.

Дали постои некоја креативна техника што би сакале да ја усовршите и практикувате во иднина?
– Дефинитивно тоа е макрамето, која е техника што нуди бесконечни можности за создавање на различни форми и големини, а бара доста трпение и посвета. Процесот бара целосна присутност – броење, следење на ритамот и внимателно одржување на симетријата. Баш заради тоа ме предизвикува да ја усовршам и подлабоко да навлезам во она што го нуди самата техника.

Според Вашето искуство, колку рачните изработки се ценети кај нас? И дали може да се живее од креативната работа?
– Од досегашното искуство каде неколку пати сум изложувала на базари, можам да забележам дека луѓето добро реагираат и ги прифаќаат рачните изработки. Немам долго искуство во експонирање на брендот, но она што го знам е дека луѓето секогаш се љубопитни и фасцинирани кога ќе видат некоја изработка, а баш тоа и нѐ прави среќни како креативци. Понекогаш групата клиенти го наоѓа уметникот, зошто сепак секој човек бара накит или облека усогласено на стилот кој го има.
Верувам дека човек може да живее од креативна работа, доколку тоа го стави во прв план, а не како споредна активност. Потребна е посветеност, континуитет и дисциплина за да се успее.

Кој е Вашиот совет до младите креативци кои имаат талент, но немаат доволно храброст да ги претстават своите рачни изработки?
– Најискрен совет до сите ракотворци, им посакувам да продолжат да го прават тоа, прво за себеси, зошто секој што прави нешто со раце знае добро колку тоа убаво влијае на умот, и кое задоволство се добива кога од ништо создаваш нешто, а второ затоа што никој не знае до каде може да те однесе и кој ќе се пронајде во она што го создаваш.
На почетокот некако постои некоја трема кога изложуваш или се претставуваш, можеби од очекувањата на другите како ќе го прифатат твојот стил. Но, откако ќе го „скршиш мразот“, постепено се гради самодоверба зошто луѓето ти даваат поддршка и го сакаат она што го правиш и така постојано се мотивираш уште повеќе да изработуваш. Цела таа размена на енергија е некако заемно поврзана. Твори со љубов, биди трпелив и верувај во себе и во процесот.



