Комисија за заштита на конкуренцијата - табла / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Комисија за заштита на конкуренција: Ревизорскиот извештај се однесува на стариот состав

Комисијата за заштита на конкуренцијата реагира на Конечниот извештај на Државниот завод за ревизија, посочувајќи дека наодите се однесуваат на работењето на претходниот состав на институцијата во текот на 2024 година. Од Комисијата велат дека новото раководство по преземањето на функцијата затекнало „сериозни институционални и организациски предизвици“, меѓу кои голем број нерешени предмети, од кои дел биле започнати уште во 2017 година.

-Комисијата за одлучување по прекршок подолг период не функционирала со полн капацитет, што придонело за застој во постапувањето и акумулирање на заостанати предмети- се наведува во соопштението.

Според актуелниот состав, состојбата е променета, бидејќи стручните служби се целосно екипирани, а Комисијата за одлучување по прекршок функционира во полн капацитет.

Како доказ за напредокот, од институцијата ги посочуваат резултатите од прекршочните постапки. Во 2024 година биле донесени три решенија со изречени глоби во вкупен износ од 1.968.100 денари, додека во 2025 година бројот на решенија се зголемил на 31, со вкупно изречени глоби од 56.206.321 денар.

-Тоа претставува зголемување на бројот на донесени решенија за околу 933%, а на изречените глоби за околу 2.756%, што јасно укажува на значително поефикасно спроведување на прекршочните постапки- велат од Комисијата.

Во истиот период, како што информираат, биле наплатени 110.917.550 денари врз основа на правосилни и извршни решенија.

Комисијата дополнително посочува дека работи и на исполнување на препораките од ревизорскиот извештај, особено во делот на финансиското управување, сметководствената евиденција, јавните набавки и внатрешните контролни механизми.

Од институцијата додаваат дека напредокот бил препознаен и во оценувањето на исполнувањето на Реформската агенда од страна на Европската комисија, каде бил констатиран напредок во политиките за заштита на конкуренцијата и јакнењето на институционалните капацитети.

-Комисијата останува посветена на законито, транспарентно и професионално работење и на доследна заштита на конкуренцијата во интерес на граѓаните- стои во соопштението.

Комисијата за заштита на конкуренцијата „падна“ на ревизија — не знаеле кој доаѓа на работа, кој колку плаќа глоба

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот