Фискалниот совет е загрижен за новото задолжување од 114,2 милиони евра
Во наредните пет месеци ќе се троши ребалансираниот буџет. Буџетскиот дефицит се зголеми на 4,1 процент од бруто-домашниот производ. Повеќе пари ќе има за зголемени плати, поддршка на земјоделците, социјални трансфери и капитални проекти. Но, парите ќе треба да ги позајмиме
Приходната страна на државната каса за 2026 година е зголемена за 74,4 милиони евра, а расходната за 188,6 милиони евра. Со ова вкупниот ребалансиран буџет за годинава изнесува 6,17 милијарди евра на приходната и 6,92 милијарди евра на расходната страна. Дупката меѓу приходната и расходната страна се продлабочува и треба да се најдат дополнителни 114,2 милиони евра! Ова е епилогот на ребалансот на буџетот што се изгласа завчера попладне.
Препорачано
Но, Фискалниот совет е загрижен за зголемување на буџетскиот дефицит и укажува дека се намалува просторот за развојни политики и идни економски шокови.
Оптимизмот за зголемените приходи се темели врз основа на зголемени придонеси за 9,9 милиони евра, неданочни приходи за речиси 92 милиони евра и донации од 44,1 милиони евра.
Токму ваквата структура на зголемување на приходната страна беше критикувана и од аналитичарите и од собраниската говорница. Практично, нема зголемување на пари од данок на додадена вредност, нешто што би покажало дека има раст на потрошувачката и на економската активност, ниту, пак, има повеќе пари од данок на добивка.
На расходната страна, најмногу зголемување од 50,3 милиони евра има за субвенции и трансфери. Од амандманите поминаа дополнителни средства за жените што вршат земјоделска дејност. Социјалните трансфери се зголемени за 36,3 милиони евра, а има и дополнителни 19,2 милиони евра за здравствена заштита. Во изминативе денови пак, имаше многу критики за ненавремена исплата на породилно отсуство и боледувања.
Најголемото зголемување е кај капиталните расходи. За разни инфраструктурни проекти се додаваат 94,5 милиони евра и тоа е главното алиби на Владата за потребата од ребалансот и за докажување на развојната компонента на буџетот.
– Со овие измени обезбедуваме средства за исплата на зголемените плати во секторите каде што е предвиден раст, дополнителна поддршка за земјоделството, повеќе средства за социјална заштита и за општините. Она што особено го издвојува овој ребаланс е обезбедувањето дополнителни средства за забрзување на инвестицискиот циклус и реализацијата на инфраструктурните проекти – рече министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Со ребалансот капиталните расходи се планирани на ниво од 752,2 милиони евра, а во основниот буџет тие беа 638 милиони евра. Со тоа буџетскиот дефицит порасна на 4,1 процент, што е надвор од законската рамка од 3 проценти и за 0,6 процентни пени над првично планираниот буџетски дефицит од 3,5 проценти во основниот буџет.
„Фискалниот совет смета дека зголемувањето на буџетскиот дефицит за 0,6 процентни поенти од БДП (односно за 115 милиони евра) во услови на речиси целосна искористеност на фискалниот простор и релативно високи трошоци за задолжување, претставува дополнителен фискален ризик“, јасен е ставот на експертите од Фискалниот совет изнесен во Мислењето за ребалансот на буџетот.
Оттаму објаснуваат дека „од аспект на долгорочната одржливост на јавните финансии, надминувањето на нормативната граница на буџетскиот дефицит и јавниот долг утврдена со Законот за буџети, создава долгорочен притисок врз буџетот преку растечките трошоци за сервисирање на јавниот долг и го намалува фискалниот простор за развојни политики и справување со идни економски шокови“.
Пратеничката на СДСМ Сања Лукаревска во телевизиско интервју обвини дека ребалансот на Буџетот е потврда за погрешното економско планирање на Владата.
– Овој ребаланс не претставува развој. Напротив, станува збор пред сè за едно погрешно планирање. Моето клучно прашање беше каде се потфрли – на приходната страна, на расходната страна, кај дефицитот или на сите три полиња заедно. Имаме буџетски дефицит од 7 милијарди денари, а јавноста сè уште нема одговор за што точно ќе бидат потрошени тие средства – рече Лукаревска.
ОД ДУИ, пак, реагираат дека нивните амандмани биле игнорирани.
– Овие амандмани немаа партиски карактер. Тие имаа за цел да обезбедат повеќе инвестиции за општините со мнозинско албанско население, повеќе средства за рамномерен регионален развој, поддршка за здравството, образованието, инфраструктурата и поправедна распределба на буџетот. Сепак, ниту еден од нашите амандмани не беше прифатен. Ова е повторувачки модел на однесување на оваа Влада, која континуирано го одбива секој предлог што има за цел подобрување на условите за живот во општините со мнозинско албанско население. Кога се одбива финансирање за Универзитетската клиника во Тетово, кога не се обезбедуваат дополнителни средства за Болницата во Кичево, кога не се поддржува рамномерниот регионален развој и кога недостига транспарентност за капиталните проекти во општините, тогаш граѓаните имаат право да прашаат: Дали Албанците се третираат со истите стандарди како и другите граѓани во државата – прашуваат од ДУИ.


