ФОТО | Ненадминливите „Крафтверк“ приредија мултимедијален спектакл во Скопје – по пет децении, сѐ уште звучат како иднината
Германските пионери „Крафтверк“ во петокот, на 25 јули, одржаа концерт на Стадионот на АРМ во Градски парк – нивната децениска визија за светот сè уште звучи како иднината.
Скопје имаше чест и привилегија да биде на годинешната и актуелната турнеја „Multimedia 2026“ мапа на неповторливиот германски бенд „Крафтверк“. Настапот беше дел од фестивалот „Skopje Calling“, во организација на „Авалон продукција“, а ова беше трет нивен концерт во македонската престолнина, по настапот на Скопскиот саем во 2005 година и 3Д-концертот во арената „Борис Трајковски“ во 2018 година, но нивно прво гостување на отворена сцена во Скопје.
Препорачано
Отворениот простор му даде дополнителна димензија на нивниот строго осмислен аудиовизуелен свет, а песните, добро познати на публиката, беа спакувани во препознатливите визуелни решенија, составени од геометриски форми, типографија, анимации, броеви, мапи и архивски снимки. Во една од проекциите се појави и плоштадот Македонија и стадионот на АРМ, како мал локален потпис во универзумот на бендот.
Концертот на „Крафтверк“ е вистински пример за Gesamtkunstwerk, односно тотално уметничко дело во кое музиката, визуелната уметност, дизајнот, типографијата, архитектурата на сцената, на чело со изведувачите, се дело од една единствена замисла. Ништо не е случајно и нема непланирано движење, затоа и воопшто не зачудува фактот што тие не сакаат друга музика пред нивниот настап.

Без доцнење, на огромниот екран почнаа да се редат бројки, додека мажите-машини стоеја на своите конзоли како оператори на контролниот систем кој штотуку се активира. Со спојот на „Numbers“, „Computer World“ и „Computer World 2“, Стадионот на АРМ за неколку минути беше внесен во естетиката на бендот и ритамот кој води во една беспрекорно организирана информација.

Првиот вистински визуелен пресврт дојде со „Spacelab“. Додека погледот се движеше од вселената кон Земјата, а потоа сè поблиску до местото на концертот, на екранот се појави Скопје со плоштадот Македонија, а потоа и стадионот на АРМ, фотографиран непосредно пред концертот со што градот беше внесен во картографијата на „Крафтверк“, како координата во нивниот универзум.

По „Ätherwellen“ и краткиот инструментален премин „Tango“, пристигнаа „The Man-Machine“ и „Electric Café“, две композиции што ја содржат суштината на нивната уметничка идеја. Човекот и машината кај „Крафтверк“ постојано се приближуваат, се имитираат и на крајот, тешко се разликуваат.

„Autobahn“, „Computer Love“, „The Model“ и „Neon Lights“ внесоа поинаква емоционална температура бидејќи овие нумери докажуваат дека често повторуваната претстава за „Крафтверк“ како „студен“ бенд е премногу едноставна. Зад роботизираните вокали и повторувачките секвенци се појави ранливоста на еден осамен човек, празен град и технологија што овозможува поврзување, но не ја гарантира блискоста.

Токму тогаш пристигна и најемотивниот момент на вечерта, кога Хитер проговори за Рјуичи Сакамото. Тоа кратко обраќање беше ретко отстапување од прецизно програмираниот тек на настапот. Никогаш, во својата историја, „Крафтерк“ не отстапиле простор за кавери од други музичари, но во чест на јапонскиот композитор, за кого Рутер откри дека одржувале пријателство од моментот кога се запознале, бендот во знак на почит ја изведе култната „Merry Christmas, Mr. Lawrence“. Нежната пијано-мелодија, пренесена низ електронскиот јазик на групата, ја стави на пиедестал емоцијата во нивната контролирана сценска слика.

Од посветата за Сакамото, концертот премина во сигналите на „Geiger Counter“, а потоа во „Radioactivity“, култната нумера која претрпела промена во стиховите, од самиот Рјуичи Сакамото.

Механичкиот ритам, имињата на местата поврзани со нуклеарни трагедии и предупредувањата на екранот создадоа атмосфера во која технологијата повеќе не беше забавна, корисна или естетски привлечна, туку сериозно предупредување и апел.

По „Radioactivity“, транзитот во „Tour de France“ ја размрда физичката енергија. Ритамот го следеше движењето на велосипедот, дишењето на спортистите и постојаното повторување на педалите, кој произлегува од личната страст на Ралф Хитер кон овој спорт. Тој и Флоријан Шнајдер почнале интензивно да возат велосипеди кон крајот на седумдесеттите години, понекогаш минувајќи и стотици километри дневно. Хитер во 1982 година доживеал и сериозна велосипедска несреќа, но неговата опседнатост со спортот продолжила и подоцна се преточила во синглот „Tour de France“ од 1983 година и во целиот албум „Tour de France Soundtracks“ од 2003 година. Дел од визуализациите и звуците се нивна лична архива, па затоа во концертната изведба, неговиот звук на дишењето, вртењето на педалите и механиката на велосипедот воопшто не се „само ефекти“.

„Trans-Europe Express“, споена со „Metal on Metal“ и „Abzug“, го донесе еден од најмоќните звучни моменти, кога железницата станува музика, а движењето низ Европа како идеја за континент поврзан со линии, станици, јазици и култури. Следуваа „Pocket Calculator“ со „Dentaku“, па „Vitamin“ и „Planet of Visions“, пред завршниот блок составен од „Boing Boom Tschak“, „Techno Pop“ и „Musique Non Stop“.

Во тој дел можеше најјасно да се слушне колку различни музички правци должат нешто на нивниот метод. Техното, електрото, синт-попот и индустриската музика беа природни продолженија на звукот што „Крафтверк“ го развиваат со децении.

Она што навистина изненади е фактот дека „Vitamin“ беше изведена единствено во Скопје. Ако ја погледнете листата на изминатите концерти, речиси секаде на нејзино место е изведена „La Forme“, но поради некоја причина, во Скопје се одлучија за „Vitamin“. Им благодариме!

Откако впечатливо, еден по еден член, пресметано и контролирано се одјавуваше на „Musique Non Stop“, бендот за „фајрон“ се врати со „The Robots“.

Очекуваното финале не донесе изненадување, но во нивниот случај изненадувањето воопшто не е неопходно затоа што целиот настап се темели на ритуал, препознатливост и совршена контрола на деталите, и тоа беа моменти кога еуфоријата кај публиката беше најголема и сеприсутна.

„Крафтверк“ понудија ретко кохерентен концерт во нивниот затворен систем, во кој ја повикуваат публиката да влезе во него, а Скопје покажа дека го сака и почитува нивниот систем. Остана впечатокот дека иднината што ја замислувале во седумдесеттите и осумдесеттите веќе пристигнала, но сепак, и понатаму звучат како да доаѓаат од некое време што допрва треба да започне. Затоа и би ги испочитувале уште многупати.


