Плакат со учесниците на јубилејното 15-то издание на „Битолино“

Селекција на врвни детски театри од седум земји ќе учествува на јубилејното издание на „Битолино“

Во традиционалниот термин од 3 до 7 август, Битола ќе биде центарот на театарот за деца во земјава и пошироко. Јубилејното 15-то издание на Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“ ќе се одржува на пет сцени во НУ Центар за кулутра – Битола и НУ Народен театар – Битола.

Во официјалната фестивалска програма од натпреварувачки карактер учествуваат седум театри од седум земји: Литванија, Романија, Словенија, Турција, Баскија, Србија и Црна Гора.

Најдобрата претстава ќе го добие фестивалското Гран-при за најдобра претстава во целина, кое ќе го додели тричлено стручно жири, оваа година предводено од хрватскиот актер и режисер Ивица Шимиќ. Тој е основач на хрватскиот театар „Мала сцена“ од Загреб и поранешен генерален секретар на Assitej – светската организација на детски театри.

Заедно со Шимиќ за наградата ќе одлучуваат македонските театарски првенци: Ана Левајковиќ – Бошков, која минатата година одбележа 30 години на сцената на Театарот за деца и младинци во Скопје, и Петар Горко, кој во 2024 година одбележа 35 години кариера на сцената на Битолскиот театар.

„Годинава, интересот за учество беше исклучителен – пристигнаа повеќе од 70 пријави од театри од над 30 земји ширум светот. Од нив, селектиравме разновидна и високо квалитетна театарска продукција од седум држави, која на публиката ќе ѝ понуди богато и инспиративно фестивалско искуство. Од Литванија ни доаѓа сензорна претстава наменета за најмладата публика, од Романија пристигнува сценска интерпретација на легендарната приказна за Дракула. Претставата од Црна Гора на креативен и топол начин зборува за тоа како да се соочиме со тремата. Во програмата се вклучени и куклена претстава со автентична баскиска музика, како и емотивна приказна за ‘изумрените предмети’ на нашите родители. Театарот од Турција ќе им помогне на децата да ги препознаат и разберат своите чувства, додека словенечките гости ќе нè потсетат на безвременската вредност на другарството“, вели директорот на фестивалот, Филип Етмишовски.

Фестивалот ќе биде отворен на 3 август со Театарската школа „Бабец“ со претставата „Како се станува цар“, а ќе се затвори на 7 август со новата премиера на „Бабец театар“ – „Мајка (Magna Mater)“.

Во придружната програма на 4 август е училиштето за театар „Од игра до претстава“ од Скопје, а на 5 и 6 август децата во Битола за првпат ќе гледаат Јапонски Камишибаи претстави, и тоа вкупно шест.

„Битолино“ и на ова фестивалско издание покрај претставите нуди и едукативна програма. Професорката Јованка Улиќ од Нови Сад, Србија, три дена заедно со децата ќе подготвува Јапонски Камишибаи претстави. Најмалите битолчани ќе ги цртаат и пишуваат своите претстави, кој ќе бидат изведени пред доделувањето на фестивалското Гран-при.

Јубилејно издание ќе понуди врвна уметничка програма за деца и ќе отвори важни теми за најмладите со што „Битолино“ ја потврдува својата позиција како еден од најзначајните фестивали за детски театар во регионот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот