Михајло Шојлев, Околу Кратово, 1936

Трансформацијата од традиционалното црковно кон профаното сликарство ќе биде прикажана во Националната галерија

Националната галерија на Македонија, под менаџерство на директорот д-р Али Синани, го најави свеченото отворање на изложбата „Од канон до индивидуален израз: Зографството и профаното сликарство во Македонија (19–20 век)“, кое ќе се одржи на 28 јули (вторник), со почеток во 20 часот, во објектот Чифте амам.

Новата тематска изложба на НУ Национална галерија на Македонија го следи развојот на македонското сликарство во периодот на длабоки општествени, културни и естетски промени. Преку внимателно селектирани дела од богатата колекција на Националната галерија, посетителите ќе имаат можност да проследат трансформација од традиционалното црковно сликарство кон профаното, граѓанско сликарство – процес што претставува една од клучните пресвртници во историјата на македонската ликовна уметност.

На изложбата ќе бидат презентирани досега неизложени, како и ретко изложувани икони и слики, создадени во периодот од средината на XIX до средината на XX век. Поставката вклучува дела од истакнати автори, како Дичо Зограф, Никола Михаилов, Димитар Андонов Папрадишки, Ѓорѓи Зографски, Коста Шкодреану и Михајло Шојлев, но и непознати зографи, чие творештво ја отсликува постепената промена на уметничките принципи, тематиката и визуелниот јазик во македонската средина.

Дичо Зограф, Воскресение Христово, 1853

– Во текот на XIX век, зографите, иако верни на канонските правила на православното иконописно сликарство, сè почесто внесуваат елементи на индивидуален израз, поголема пластичност на формите, реалистичен пристап кон човечката фигура и интерес за просторот и природата. Под влијание на европските академски текови, овие промени постепено го отвораат патот кон појавата на профаното сликарство, во кое религиозните теми се заменуваат со портрети, историски композиции, пејзажи и сцени од секојдневниот живот.

Јаков Ѓорѓи Зографски, Портрет на девојче (момиче), пред 1894

Изложбата има за цел да покаже дека токму овие автори претставуваат важна врска меѓу вековната иконописна традиција и современите уметнички текови што ќе се развијат во првата половина на 20 век. Без нивниот придонес, нивната уметничка љубопитност и постепеното прифаќање на новите европски влијанија, развојот на модерната македонска уметност би бил незамислив.

Особено значење има фактот што овие творци работеле во исклучително сложени историски околности – во време на политички превирања, национални и културни пропаганди, воени конфликти и општествени промени. И покрај сите предизвици, тие успеале да создадат дела со високи уметнички вредности и да постават цврсти темели врз кои подоцна ќе се развива современата македонска ликовна сцена.

Преку оваа презентација, пошироката јавност ќе има можност да се запознае со едно исклучително значајно културно наследство и со делата што сведочат за создавањето на македонскиот ликовен идентитет, како потсетник на континуитетот на уметничкото творештво во Македонија и на неговата способност да ги следи европските културни текови, притоа зачувувајќи ја сопствената автентичност – истакнува м-р Владимир Таневски, кустос.

Димитар Андонов Папрадишки, Пејзаж, 1897

Автор на изложбата е м-р Владимир Таневски, а стручни соработници се виш кустос Маја Чанкуловска-Михајловска и кустос советник Маја Неделкоска Брзанова. Изложбата е значајна презентација на дел од највредното богатство што го чува Националната галерија на Република Северна Македонија и ќе биде отворена до крајот на август годинава.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 341, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 25-26.7.2026)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот