Заврши деветтото издание на „Бич филм фестивал“ во Охрид
Деветтото издание на „Бич филм фестивал“ (Beach Film Festival) – Охрид, што се одржа од 22 до 26 јули, беше затворено на плажата „Славија“, во амбиент што повторно го потврди она по што овој фестивал стана препознатлив – филмот доживеан под отворено небо, со езерото како природна сценографија.
Препорачано
Завршната вечер на 26 јули ја отвори краткиот филм „Silent Cinema“ на Крсте Господиновски, кој публиката ја врати кон изворите на филмскиот јазик, проследен со краткиот „Ordinary Hero“ на Јован Цветкоски.
Вечерта кулминираше со „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска – документарецот што ја носи приказната за земјоделецот Никола и повредениот штрк, а зад себе веќе има богата меѓународна трага: премиера во Венеција, наградата ФИПРЕСЦИ од Меѓународната филмска критика, Наградата на публиката на „Cinema Eye Honors“ и статус на македонски кандидат за „Оскар“.
На свеченото затворање беа доделени и наградите на деветтото издание:
Најдобар филм – „Broken Voices“, режија на Ондреј Провазник (Ondřej Provazník). Жирито го издвои филмот што никогаш не покажува повеќе отколку што мора, но и не ни дозволува да го тргнеме погледот – дело што чекор по чекор го гради и го прави видлив механизмот на злоставувањето.
Најдобро актерско остварување – наградата „Стефан Сидовски – Сидо“ – Катержина Фалброва (Kateřina Falbrová), за „Broken Voices“, за суптилноста и тивката сила со која ја носи приказната за девојче исправено пред суров свет.
Најдобар краток филм (официјална селекција) – „On Weary Wings Go By“ на Ану-Лаура Тутелберг (Anu-Laura Tuttelberg), Естонија / Литванија.
Најдобар студентски филм – „Tilting at Windmills“ на Борјан Гаговски (Северна Македонија).
Специјално признание – Лауро Крес (Lauro Cress), за дебитантскиот „Impatience of the Heart“.
Специјално признание – Флорентина Холцингер (Florentina Holzinger), протагонистка на „Moon“.
Со деветтото издание, „Бич филм фестивал“ уште еднаш потврди дека филмот на плажа не е само проекција, туку начин филмовите да се доживеат поинаку.


