Квартет тромбони „Макбрас“

Македонскиот квартет тромбони „Макбрас“ ќе настапи на најпрестижниот светски фестивал за тромбон во Латвија

Квартетот тромбони „Макбрас“ на 30 јули ќе ја претстави Република Македонија на 55. издание на International Trombone Festival (ITF), кое ќе се одржи во Рига, Латвија.

Фестивалот претставува најголемиот, најреномираниот и најпочитуваниот светски фестивал посветен на тромбонот, на кој секоја година настапуваат врвни солисти, ансамбли, професори и уметници од сите континенти. Фестивалот се одржува од 1971 година, секоја година во различна држава – домаќин.

Ова учество претставува историски успех, бидејќи за првпат во историјата на фестивалот, Македонија ќе има свои претставници, односно квартет тромбони составен од македонски музичари.

Дополнително, оваа година, квартетот тромбони „Макбрас“ прославува 10 години активно музицирање на домашната и меѓународната сцена, одржувајќи ја во живот традицијата на музицирање во ваква формација која започнува уште од формирањето на квартетот тромбони Рибарски во 1970-тите години (можеби првиот ваков состав во тогашна Југославија) и квартетот тромбони на Македонската опера и балет во 2000-тите години. Членови на квартетот тромбони „Макбрас“ се: Бранко Илиевски, Никола Ристевски, Виктор Богоевски и Александар Ниниќ.

– Нашето учество беше одобрено по успешна селекција, врз основа на аудиоснимка од композицијата „Вулканска суита“, дело на композиторите Блажен Настевски (Македонија) и Хектор Муњоз (Гран Канарија), специјално создадено за квартет тромбони и посветено на нашиот ансамбл. Композицијата својата премиерна изведба и прво аудиоснимање ги доживеа на Канарските Острови, а токму со ова дело ќе се претставиме пред меѓународната тромбонистичка публика во Рига – истакнуваат од „Макбрас“.

Покрај изведбата на „Вулканска суита“, програмата ќе содржи и дела од македонски автори, со што преку музиката ќе биде претставена богатата македонска култура, традиција и современото музичко творештво пред меѓународната публика.

Ова гостување претставува значајна можност за афирмација на македонската музичка уметност на највисоко светско ниво, но и потврда дека македонските музичари можат рамноправно да бидат дел од најреномираната светска сцена.

Патувањето и учеството на фестивалот во најголем дел ќе бидат реализирани со сопствени средства на членовите на ансамблот, со значајна поддршка од Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Дополнително, во наредниот период ќе бидат организирани неколку концертни настапи во Скопје, преку кои членовите на квартетот ќе се обидат да обезбедат дел од средствата потребни за реализација на ова значајно претставување на Македонија.

– Веруваме дека овој успех не е само признание за нашата асоцијација, туку и за македонската музичка сцена во целина. Затоа искрено се надеваме дека јавноста, институциите, медиумите и љубителите на уметноста ќе ја препознаат важноста на ова претставување и ќе ни дадат поддршка во нашата мисија достојно да ја претставиме Македонија на најголемиот светски фестивал за тромбонот – истакнуваат од Квартет тромбони „Макбрас“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот