Хепатит А и Е може да станат јавачи „на опашката на гостиварската епидемија“

Како што акутната фаза од гостиварската епидемија се смирува, така матичните лекари во Гостивар ќе мора да се фокусираат да детектираат хепатит А и Е, но и други заразни болести што може да се јават, како што рече министерот за здравство Сашо Клековски, „на опашката на гостиварската епидемија“. Засега што ја причинило оваа епидемија, тој не знае, а не знаат ни другите здравствени власти. Од над 4.300 регистрирани граѓани што побарале лекарска помош, епидемиолошка анкета направена им е само на 602.

– Како што акутната фаза на епидемијата во Гостивар е во смирување, во консултација со Комисијата за заразни болести решивме да одредиме засилен надзор за постакутната фаза. Ќе бидат испратени соодветни упатства до Центарот за јавно здравје, здравствените установи, матичните лекари, а ќе бидат дадени насоки за комуникација со населението. Клучно е да има рано препознавање за да може здравствените установи да реагираат соодветно. Здравствените установи се подготвени во смисла на капацитет за тестирање – рече Клековски.

Во едно деноноќие се пријавиле нови 109 граѓани што побарале доктор во овој град.

– Бројката се движи од 80 до 125 во последните четири дена, со тоа што во овој момент не можеме да кажеме колку е тоа редовна состојба, колку е поврзана со епидемијата. За да го направиме тоа, мора да имаме епидемиолошки анкети – рече Клековски денеска на прес-конференција.

Просечно во изминатите 10 години во Гостивар во јули имало по 25 извештаи за заразни болести и, како што укажа, уште немаат почнато да раздвојуваат колку од пријавите се редовна состојба во градот, а колку поврзани со епидемијата.

Бројот на формални пријави, дополни тој, во моментот е 869, од кои анкетирани се 602 лица. Апелира да продолжи соработката со здравствените власти за да може да се следат состојбите.

Според него, паралелно продолжуваат напорите за анализа на текот на епидемијата, при што се анализираат два системи. Едниот, појасни, е за известување за заразни болести, според кој сегашната состојба е 869, а од друга страна, ги анализираат сите податоци во „Мој термин“ поврзани со соодветни дијагнози, условно кажано, ентероколити и поврзани дијагнози, без разлика дали биле известени како случај на заразна болест.

– Го опфаќаме периодот од 1 јуни наваму, со тоа што имаме споредбени податоци за просекот во минатите 12 години од кога имаме архивски податоци за следењето на состојбите. Сето тоа ќе ни овозможи да отвориме втора фаза – процена или евалуација на она што се случуваше за да го евалуираме текот на настаните и како реагирал системот. Во тоа ќе влеземе објективно и непристрасно и за сите детали ќе комуницираме – најави Клековски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот