ВИДЕО | По 28 дена под урнатини, спасено е куче во Венецуела
Бејли, едногодишна пудлица, преживеа 28 дена под урнатините по катастрофалниот двоен земјотрес во Венецуела, пред да биде спасена од службите и сега се опоравува со ветеринарна нега, пренесува Њујорк пост.
Препорачано
Миленичето го пронајдоа членови на спасувачка бригада за време на отстранување на урнатините, според кои животното страдало од тешка дехидратација и глад.
По спасувањето, Бејли е префрлено во ветеринарна клиника, каде специјализираниот персонал започнал протокол за стабилизација, интравенска рехидратација и нега на рани.
„Бејли е клинички стабилна. Тоа е вонреден настан од физиолошка гледна точка, со оглед на времето што поминало без основни потреби. Има чиреви на окото кои биле предизвикани од продолжено изложување на прашина и недостаток на подмачкување, но прогнозата е поволна со применетиот третман“, соопшти ветеринарната служба.
Кучето ѝ припаѓа на единаесетгодишната Викторија Изабела Ренгел, која исто така го преживеала уривањето на нејзината куќа за време на земјотресот.
Според локалните власти, катастрофата во семејниот дом ги одзела животите на нејзината мајка и баба по мајка.
Моментално, девојчето и нејзиното домашно милениче престојуваат во привремено засолниште поставено од властите за семејствата погодени од земјотресот.
На 24 јуни, Венецуела беше погодена од два земјотреси со јачина од 7,5 и 7,2 степени според Рихтеровата скала, а повеќе од 5.500 луѓе загинаа.
Разни служби и волонтери постојано се на терен барајќи под урнатините, а истовремено над 17.000 луѓе останаа без своите домови.
Агенцијата за миграции на Обединетите нации (ОН) побара 98 милиони долари меѓународна помош за справување со последиците од разорните земјотреси.
Како што соопшти агенцијата, средствата ќе ја поддржат работата на Меѓународната организација за миграции (ИОМ) во наредните 12 месеци, обезбедувајќи итно засолниште, но и здравствена заштита и поддршка за почетно закрепнување, истовремено помагајќи им на заедниците во обновата.


