Седница на Уставен суд / Фото: Слободен Печат / Драган Митрески

Чувствителни закони заглавени во екипирањето на Уставниот суд — утре избор на Дика, фали деветтиот судија

Законот за употреба на јазиците е со најдолг стаж на чекање во Судот, односно предметот е од 2018 година, а на листата се и Хашките случаи, Законот за извршители, Вториот протокол со Бугарија…

Иако утре се очекува Собранието да ја избере претседателката на Апелацискиот суд Мери Дика Георгиевска за уставна судијка, засега никој не предвидува кога во Уставниот суд на дневен ред ќе дојдат чувствителните предмети како што е Законот за употреба на јазиците, бидејќи и натаму се чека Судот целосно да се комплетира. И со изборот на Дика Георгиевска, Уставниот суд останува минус еден судија откако уставниот судија Гоце Наумовски без никаква најава и образложение поднесе оставка од функцијата, а Собранието ја констатираше.

Засега нема најава кога Собранието ќе ја почне постапката за избор на деветтиот член на Уставниот суд, но извесно е дека тоа нема да биде до септември, бидејќи пратениците во август се на одмор.

Испразнетите столчиња во Судот и тактизирањето со изборот на нови судии повторно ја отвора дилемата дали неекипирањето на Уставниот суд најмногу ѝ оди во прилог на политиката.
Претседателот на Собранието Африм Гаши за утре ја свика 97. седница на која на дневен ред е изборот на судијката Дика Георгиевска. Претседателката на Апелација е предлог на Судскиот совет за уставна судијка од редот на судиите. Иако предлогот датира од март годинава, Собранието дури по четири месеци утре ќе гласа за нејзин избор. Коментарите од власта се дека изборот забавил, бидејќи Собранието не можело да се усогласи со Судскиот совет за на седницата да има нивен претставник, бидејќи и на двете институции им се поклопувале термините на седниците!

Но и доколку Дика Георгиевска биде новата уставна судијка, Уставниот суд повторно ќе треба да почека за целосно да се комплетира откако Наумовски ги напушти. Токму од ваквата ситуација, таму се јавува сомнеж дека политиката намерно не сака Судот да работи во полн состав. Деветтиот судија кој треба да дојде на местото на Наумовски треба да го предложи Собранието, односно владејачкото мнозинство. Ова, пак, комплетирањето на Судот го остава целосно во рацете на пратениците.

Слична ситуација имаше кога претседателка на Уставниот суд беше Добрила Кацарска. Тогаш Судот работеше на работ на кворум бидејќи од девет, колку што треба да брои, Уставниот суд имаше само пет судии.

Со оглед дека и актуелниот состав на Уставниот суд засега не може да се доекипира, неколку закони никако не можат да дојдат на ред за расправа. Законот за употреба на јазиците е со најдолг стаж на чекање во Судот, односно предметот е од 2018 година или за одлука чека цели осум години.

На комплетирање на Уставниот суд чека и Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Република Бугарија, потпишан на 17 јули 2022 година, како и Хашките случаи. Во тој предмет станува збор за четири судски предмети, кои во 2008 година беа вратени од Хашкиот трибунал во Македонија, за да бидат процесирани во домашното правосудство. Делата се однесуваат на тринаесет киднапирани Македонци од страна на ОНА или случајот „Непроштено“, затворањето на вентилите од Липковско Езеро и водата за кумановци, малтретирањето на градежните работници од ГП „Маврово“ и за делата на командна одговорност на раководството на ОНА. Сите се сторени за време на конфликтот во Македонија во 2001 година. Целосен состав на Судот чека и Законот за извршување, но и други предмети.

Од Судот брифираат дека на првата седница во септември ќе бидат ставени на гласање сите предмети за кои нема одлуки, освен чувствителните. Станува збор за шест или седум предмети, меѓу кои и Изборниот законик во делот на платеното политичко рекламирање. Судот ќе гласа за тие предмети бидејќи ако утре Дика Георгиевска биде избрана за уставна судијка ќе има промена на ситуацијата.

Уставниот суд неодамна немаше мнозинство да одлучува дали ќе поведе постапка по иницијативата на Левица и на Демократи, кои ја оспоруваат уставноста на Изборниот законик во делот на платеното политичко рекламирање. Судијата Осман Кадриу како известител предложи да се поведе постапка и да се оценуваат одредбите од Изборниот законик, но не доби мнозинство, односно немаше пет судии да го поддржат неговиот предлог. Тогаш од Судот информираа дека предметот останува отворен и дека за него ќе се гласа на некоја од следните седници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот