Гоце Тодоровски / Фото: Драмски театар

„Срцето ми е ослабено, примам лекарства, а живеам со 36.000 пензија“: Вака зборуваше Гоце Тодоровски

„Здравјето ми е нарушено, постојано сум со лекарства, срцето ми е ослабено“,  вака зборуваше легендарниот актер Гоце Тодоровски во едно неодамнешно интервју.  Додека Македонија се простува од легендарниот актер, повторно актуелни станаа неговите зборови од интервју што го даде за „Викимедиа“ во јуни во 2025 година.

Во разговорот, кој овој медиум вчера го реобјави, доајенот на македонското глумиште отворено зборуваше за нарушеното здравје, скромната пензија и чувството дека државата не знаела да го вреднува неговиот повеќедецениски придонес.

„Здравјето ми е нарушено, постојано сум со лекарства, срцето ми е ослабено. И после сè што направив за уметноста во нашата земја, после сите тие ризници кои ги наполнив со квалитетни проекти и улоги кои и денешните деца ги знаат, јас сум заборавен од државата“, изјави Тодоровски во интервјуто.

Тој тогаш посочи дека пензијата од 36.000 денари не е соодветна на сето она што го оставил зад себе.

„Можеби некому ќе звучи нескромно, но дали е во ред млади актери, кои вчера завршиле академија и уште не стапнале на штиците, да добиваат плата која е значително повисока од пензијата од 36.000 денари со која јас сум оставен? Па, целиот живот и здравјето ги оставив на професијата и сметам дека на Македонија ѝ дадов доволно, за да тоа биде препознаено и наградено“, рече актерот.

Гоце Тодоровски

Во разговорот, Тодоровски потсети дека во 2023 година бил одликуван со Орден за заслуги, признание кое, како што велеше, му претставувало голема чест. Но, истовремено јавно го постави прашањето зошто ваквото државно одликување не повлекува и право на дополнителен надоместок на пензијата за истакнатите културни дејци.

„Кажа дека му е понижувачки да оди и да аплицира на конкурс за добивање бенефиции. Зарем мене на овие години треба да ме оценуваат комисии составени од лица кои можеби и учеле од мене? Зарем јас уште треба пред некого да се докажувам дека сум оставил длабок траг во нашата култура и дека заслужувам повеќе?“, праша тогаш актерот.

Во интервјуто тој направи и споредба со високите функционерски плати, нагласувајќи дека уметниците често остануваат на маргините.

„Не знам веќе колку признанија и награди добив во животот, не знам колку проекти снимив … Па, јас имам поминато пред камери поголема минутажа од еден Џон Вејн и не знам што треба еден уметник повеќе да стори, за да барем во староста биде испочитуван како што треба. Оти од ’браво‘ не се живее“, порача Тодоровски.

Особено емотивни денес звучат и неговите последни зборови од интервјуто, во кои рече дека почитта кон уметниците треба да се покажува додека се живи.

„Еден ден, кога ќе ме нема, за мене воопшто нема да биде важно дали ќе бидам погребан на Алејата на заслужни граѓани, бидејќи почитта и признанијата се покажуваат и се доделуваат додека човекот е жив, за да може лично да ги почувствува бенефициите од својот труд“, изјави Гоце Тодоровски во интервјуто.

И покрај силната желба за живот, неговото срце не издржа — замина Гоце Тодоровски, доајенот на македонскиот хумор

ФОТО | Гоце Тодоровски е добитник на наградата „23 Октомври“: Ќерка му со емотивна порака – „гордост моја, мал, а толку голем…“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот