Марковиќ: Пред нас е ЕП 2026, ќе работиме напорно за да изградиме силен тим
Црногорецот Игор Марковиќ беше промовиран за нов селектор на најдобрата женска сениорска ракометна репрезентација на Македонија.
Препорачано
Ракометната федерација на Македонија (РФМ) на новиот селектор му посакува многу успех, среќа и бројни заеднички успеси со македонската репрезентација која ја очекува настап на Европското првенство годинава од 3 до 20 декември што ќе се одржи во пет земји.
Потсетување, нашата селекција на ЕП е во групата Б и ќе игра во Клуж-Напока заедно со Норвешка, Романија и Швајцарија.
– Чест и големо задоволство ми е што ја добив довербата да бидам селектор на женската сениорска репрезентација на Македонија. Се надевам дека со посветена работа, максимална пожртвуваност и заеднички труд ќе успееме од ден на ден да бидеме се подобри. Пред нас е Европското првенство, а претходно нè очекува подготвителен период во кој ќе работиме напорно за да изградиме силен тим. Верувам во добра соработка, добро здравје на сите ракометарки и заеднички успеси со кои достојно ќе ја претставуваме Македонија – изјави Марковиќ.
Претседателот на РФМ, Александар Стефанов на Марковиќ му посака успешна работа, среќа и заеднички да се радуваме на нови успеси на националниот тим.
– Со големо задоволство го поздравуваме доаѓањето на Игор Марковиќ на селекторската позиција на женската сениорска репрезентација на Македонија. Станува збор за тренер кој зад себе има богато играчко и тренерско искуство, а неговите резултати и професионален пристап се потврда за неговите квалитети. Пред нас е исклучително важен период – не очекуваат настапите на Трофеј Македонија, како и подготовките за претстојното Европско првенство. Верувам дека заедно со стручниот штаб и ракометарките ќе изградат силен и конкурентен тим кој достојно ќе ја претставува Македонија на меѓународната сцена – вели Стефанов.


