Фото: EPA/JUANJO MARTIN

Официјално: Зинедин Зидан е нов селектор на Франција

По состанокот на Извршниот комитет одржан во вторник наутро, Француската фудбалска федерација и нејзиниот претседател, Филип Дијало, го објавија назначувањето на Зинедин Зидан (54) за нов селектор на француската фудбалска репрезентација за следните четири години, до Светското првенство во 2030 година.

Зидан станува 18 селектор во историјата на националниот тим наследувајќи го Дидие Дешан. Новиот селектор официјално ќе ги преземе своите должности на 1 август и ќе ја предводи француската репрезентација почнувајќи од новото издание на Лигата на нации на УЕФА 2026-2027. Потоа ќе ја води репрезентацијата во квалификациите за Европското првенство 2028, Лигата на нации 2028-2029 и квалификациите за Светското првенство во 2030 година.

– Нема ништо поголемо од француската репрезентација. Затоа е радост и, секако, гордост да се стане селектор на националниот тим. Тоа е исто така и одговорност. Сакам да им се заблагодарам на претседателот Филип Дијало, на Извршниот комитет и на Француската фудбалска федерација за нивната доверба и да им оддадам признание на 14 години служба на Дидие и неговиот стручен штаб. Не е потребно да се каже дека имам големи амбиции за француската репрезентација – вели Зидан.

Зидан беше без тренерска работа од 2021 година, кога го напушти Реал Мадрид.

Со популарниот Зизу како играч, започнаа годините на доминација на француската репрезентација.

Тимот беше светски шампион во 1998 година, европски шампион две години подоцна, а „триколорите“, со Зидан во тимот, беа финалисти во 2006 година кога загубија од Италија.

Од 1998 година, Франција четири пати беше финалист на Светското првенство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот