Фото: илустрација /Слободен печат

Општина Крушево: Водата е безбедна и исправна за пиење

Општина Крушево информира дека, согласно резултатите од трите последователни лабораториски испитувања извршени од Центарот за јавно здравје – Прилеп, водата од градскиот водовод ги исполнува сите законски пропишани параметри за квалитет и е здравствено исправна и безбедна за пиење.

Причината за привременото отстапување во квалитетот на водата, како што појаснуваат, бил технички прекин во функционирањето на системот за хлорирање, предизвикан од прекин во снабдувањето со електрична енергија.

„Веднаш по отстранувањето на дефектот беа преземени сите неопходни мерки за нормализирање на процесот на хлорирање и континуирано беа спроведувани контроли на квалитетот на водата“, соопштуваат од Крушево.

Оттаму велат дека водата од јавниот водовод во Крушево може слободно да се користи за пиење, подготовка на храна и за сите останати потреби во домаќинствата, без потреба од дополнителни мерки или ограничувања.

Општина Крушево и Јавното комунално претпријатие, додаваат од таму, ќе продолжат со редовен мониторинг на системот за водоснабдување и со континуирана соработка со Центарот за јавно здравје – Прилеп, со цел обезбедување сигурна, квалитетна и здравствено исправна вода за сите граѓани.

„Им благодариме на граѓаните за трпението, разбирањето и довербата што ја покажаа во текот на изминатиот период“, соопштуваат од Крушево.

Пред пет денови, Јавното претпријатие „Комуна“ од Крушево, повикувајќи се на информации од Центарот за јавно здравје од Прилеп, објави дека водата во Крушево е бактериолошки неисправна, препорачувајќи локалните жители за пиење да користат пакувана вода. Во соопштението немаше детали за тоа што покажала анализата, односно на кој точно начин водата е бактериолошки неисправна.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, изјави дека случајот со Крушево не треба воопшто да се споредува со случајот со водоводниот систем во Гостивар, бидејќи, како што рече, таму имало прекин во електричната енергија на еден час, по што состојбата се стабилизирала и нема граѓани кои се жалат на здравствени проблеми.

Прекинот на струја наводно го сопрел хлорирањето на водата во Крушево, Ангелов бара случајот да не се споредува со Гостивар

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот