Општината ќе им аплаудира на „хероите“ што расчистувале по невремето, карпошани прашуваат: За што барате аплауз?
Од Општина Карпош не објаснуваат зошто веќе осми ден не успеаја да го исчистат дворот на градинката „Орце Николов“ лоцирана во близина на Драмски театар, па веројатно поради безбедност децата се преместени во друга градинка, а петте паднати дрвја уште лежат во дворот.
Општина Карпош денеска организира настан и ги повикува граѓаните да дојдат во 15.15 часот во холот на општинската зграда за да им дадат аплауз на, како што велат, „хероите на Карпош“ кои деновиве несебично помагале во расчистување на последиците од невремето.
Препорачано
Нивната објава предизвика жестока реакција од граѓаните на социјалните мрежи поради една едноставна причина – низ Карпош од невремето досега се отстранети само дрвјата кои беа паднати по улиците и го попречуваа сообраќајот, додека по тревниците и понатаму лежат урнати стебла, исечени трупци, купишта гранки и делови од лимени покриви кои се откорнаа во невремето.
„Едно дрво немате тргнато… аплаузи организирате, аплаузи луѓето даваат без да бидат повикани, без нарачки туку по заслуга и по резултати. Офффф каков градоначалник имаме… Зошто да ви даваме аплауз? За нешто за што сте вработени и земате плата? Па кој ни дава нам аплауз на работа? „Вера Циривири Трена“ школото не е пипнато, децата од градинката „Орце Николов“ во Карпош 2 од денеска се преместени и сега ги возикаме до градинката кај Лептокарија, пак заради дрвата паднати во дворот. Ни ја затворивте градинката за 5 дрва што не можете да кренете? Аплауз???“, реагира жителка на Карпош.
ФОТО+ВИДЕО | Бесно невреме удри врз Скопје — орканскиот ветер корнеше покриви, кутна стотици дрвја
„Слободен печат“ денеска се обиде да добие одговор од Општина Карпош зошто се организираат церемонии и „аплаузи“ за недовршена работа, но до овој момент оттаму – молк.
Нема одговор ниту кога планираат да ги расчистат дрвјата од зелените површини, ниту зошто беше оставен багер да брмчи цела ноќ во паркчето покрај улицата „Никола Тесла“, поради што жителите од околните згради останаа без сон. Дали и за работникот што го оставил багерот без да го исклучи моторот и си заминал дома денеска ќе има аплауз?
Оттаму не објаснуваат и како веќе осми ден не успеаја да го исчистат дворот на градинката „Орце Николов“ лоцирана во близина на Драмски театар, па веројатно поради безбедност децата се преместени во друга градинка, а петте паднати дрвја уште лежат во дворот. И за тоа ли треба аплауз?
ФОТОГАЛЕРИЈА | Брмчат пилите во Градски парк, се расчистуваат паднатите дрвја
Молчат од Општина Карпош и за тоа колку точно дрвја паднале на територијата на оваа општина и колку објекти останаа без покриви во невремето. Не даваат податоци и за тоа колку работници и со која механизација работат на расчистувањето.
Ама затоа предвреме организираат манифестации со кои го разгоруваат гневот кај жителите.
Односно, како што искоментира еден жител на Карпош:
„Наместо да организирате давање аплаузи треба да се извините за нерасчистениот Карпош и за огромниот пропуст што не ги исековте навреме сувите и навалени дрвја!“



