Сидни Свини ги налути следбениците со видео на кое пука со пушка: „Престанувам да те следам!“
Глумицата Сидни Свини, која светската публика најдобро ја познава по улогата во серијата „Еуфорија“, повторно се најде во центарот на вниманието, овојпат поради објава од патувањето на Нов Зеланд. Таа на својот профил на Инстаграм сподели фотографии и видеа од одморот, каде што беше во друштво на својот партнер Скутер Браун.
Препорачано
Меѓу објавените содржини имаше снимки од лет со хеликоптер, возење со чамец, скокање со јаже од голема височина, како и пукање со огнено оружје. Токму последниот дел од објавата предизвика најмногу реакции и поделени мислења кај нејзините следбеници, пишува „Сан“.
Додека голем дел од фотографиите од природните убавини и авантуристичките активности беа позитивно прифатени, видеото на кое Свини пука со пушка предизвика бројни критики. Дел од корисниците оценија дека таквата содржина е несоодветна, а некои претпоставија дека станува збор за лов.
„Супер сте, но дали токму застрелавте птица?“, праша еден од следбениците.
Друг кусо напиша:
„Престанувам да те следам!“
Имаше и иронични коментари за целото патување.
„Добро, значи резимето од патувањето е: лет со хеликоптер, голф на снег (како ги собравте топчињата?), огнено оружје (благодарам во име на животните), возење со теренско возило и пловење со чамец по река.“
Во меѓувреме, овие фотографии и видеа повеќе не се достапни на нејзиниот профил на Инстаграм, па не е познато дали глумицата сама ги избришала поради големиот број негативни реакции.
Ова, сепак, не е првпат Сидни Свини да биде критикувана поради ракување со оружје. Минатата година на социјалните мрежи се прошири видео на кое вежба пукање на стрелиште. Тогаш јавно ја пофали американскиот претседател Доналд Трамп, како и поддржувачи на неговото политичко движење.
Снимката повторно стана актуелна откако Доналд Трамп ја пофали нејзината реклама за фармерки на брендот „Американ Игл“, која ја опиша како спротивност на таканаречената „разбудена“ идеологија.
Во тоа време медиумите објавија и дека Сидни Свини е регистрирана како гласач на Републиканската партија.


