Осуден за „Титаник“ со спорен сертификат и избор, испратен во Виена — Агенцијата за разузнавање лови кртови за наводи кои ги демантира
За изборот на Киро Тодоровски е поднесена и пријава до Државната комисија за спречување на корупцијата, во која се спори неговиот безбедносен сертификат „државна тајна“, но и кривична пријава до Јавното обвинителство – Скопје против директорката на Агенцијата Габриела Јаковлева и помошникот на директорот на Агенцијата и претседател на Комисијата за избор на претставник на АР во Виена за злоупотреба на службената положба и овластување и несовесно работење во службата.
Правосилно осудениот во првиот случај што го отвори Специјалното јавно обвинителство, „Титаник“, кој јавноста најмногу го запамети по фразата „за уши ќе ги тегнеме за гласање“, Киро Тодоровски е нов претставник на Агенцијата за разузнавање (АР) во Виена, дипломат што треба да ја претставува Агенцијата меѓу тамошната разузнавачка заедница.
Препорачано
„Слободен печат“ доби документи од „свиркачи“ во кои се тврди дека неговото именување е проследено со серија контроверзии, од условна осуда, за што сам призна вина пред судот, до наводни измени на правилници за да ги исполни условите за избор.
Агенцијата, пак, демантира, но во исто време и ги бара кртовите во институцијата кои изнесувале класифицирани информации.
За овој случај е поднесена и пријава до Државната комисија за спречување на корупцијата, во која се спори неговиот безбедносен сертификат „државна тајна“, но и кривична пријава до Јавното обвинителство – Скопје против директорката на Агенцијата Габриела Јаковлева и помошникот на директорот на Агенцијата и претседател на Комисијата за избор на претставник на АР во Виена за злоупотреба на службената положба и овластување и несовесно работење во службата.
Безбедносниот сертификат се спори пред ДКСК
Во 2019 година Тодоровски доби отказ од Агенцијата за разузнавање откако го изгубил безбедносниот сертификат поради обвиненијата, но во ноември 2025 бил вратен на работа и експресно, во јули е испратен во престолнината на Австрија каде што работи и неговата сопруга, па сега државата ќе му плаќа автомобил, стан и школување за децата во Виена.
И додека дел од пратениците што треба да вршат надзор над разузнавачките агенции со години немаат добиено сертификат, во документите се тврди дека Тодоровски добил сертификат „државна тајна“ за помалку од три месеци откако бил вратен на работа, иако досието не му е чисто, а Законот за класифицирани информации предвидува проверките да траат шест месеци.
Ако се толкува законски, Тодоровски не може да биде избришан од казнената евиденција бидејќи е правосилно осуден во 2023 година на условна казна од две години, која нема да се изврши во рок од пет години ако не стори ново кривично дело.
За да има чисто досие треба да поминат двете години од казната, петте години од рокот на проверка и една година по завршувањето на рокот за проверка, што значи дури во 2028 година.
„Издавањето сертификат на лицето индицира злоупотреба на функцијата, јавното овластување, службената должност или положба за остварување корист, директно или преку посредник, за себе или за друг, како и незаконско несовесно, нестручно и неодговорно постапување на овластени службени лица во Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации (ДБКИ) кои издале ваков сертификат и во АР кои проследиле вакво барање до ДБКИ иако знаеле дека осуденото лице не ги исполнува законските услови за издавање на сертификат“, се вели во пријавата поднесена до Антикорупциската комисија.
Кривичната до Обвинителство, пак, се фокусира на фаворизирањето на Тодоровски по секоја цена да замина во Виена и тврдења дека се менувани правилници, и се пробивале рокови.
Се менувале правилници и услови за разузнавачот?
Како што пишува во пријавата, конкурсот наводно не бил распишан во предвидениот рок затоа што се чекало лицето да добие безбедносен сертификат, односно два месеци по завршувањето на мандатот на претходниот претставник на Агенцијата во Виена. Претходникот на Тодоровски, според пријавата бил единствениот од претставниците чиј мандат не бил продолжен за шест месеци. Интерниот конкурс бил распишан на 3 март оваа година.
Во пријавата се тврди дека направена била наменска промена на условите во конкурсот, па наводно Јаковлева, направила измена на условите за конкурирање во актот „правилник за измена и дополнување на правилникот за упатување, права и обврски, плати…“ каде направила две клучни измени на условите.
Според пријавата, Јаковлева наводно го сменила правилникот за да се осигури дека Тодоровски дури и да не ја помине процедурата, да може да го испрати со нејзино дискреционо право, и дури и да нема актуелен безбедносен сертификат да може да го испрати во Виена. Втората измена што наводно ја направила Јаковлева е што го избришала условот вработениот да поседува оцена за работата во претходната година.
Комисијата, пак, според податоците што ги добила од организациските единици, првично констатира дека тој не ги исполнува условите, односно дека немал важечки сертификати во Агенцијата и немал оценки за работата од 2015 до 2019 година и на записникот се потпишале сите членови на Комисијата.
Сепак, директорката не го поништила конкурсот, туку праќала писма до ДБКИ и други институции и барала мислење дали лицето ги исполнува условите. Таа наводно извршила притисок комисијата повторно да се состане и да ги разгледа новите документи и да го избере Тодоровски за претставник во Виена.
„Улога во целата оваа незаконска активност има фактот дека целта е осуденото лице да се спои со своето семејство во Виена. Така, преку нелегалниот избор државата ќе плаќа трошоци кои во спротивно брачниот пар би ги сносел приватно“, пишува во дописот до редакцијата.
АР ќе лови кртови што изнесуваат информации кои ги демантираат
„Слободен печат“ испрати прашања до Агенцијата за разузнавање за сите обвинувања што стигнаа до нас. Иако се повикаа на класифицирани информации, категорично ги демантираа и тврдењата ги оценија како неосновани, невистини и дезинформации.
– Агенцијата за разузнавање не е во можност да одговори, бидејќи постапката за избор на претставниците на Агенцијата во дипломатско-конзуларните претставништва во странство содржи класифицирани информации и секое споделување во јавноста е противзаконско. Но, би сакале да укажеме дека наводите содржани во прашањата се засноваат на неосновани тврдења и претставуваат дел од континуирани дезинформации и невистини, кои во изминатиот период се пласираат во јавноста, со цел нарушување на угледот и кредибилитетот на Агенцијата за разузнавање и нејзиното раководство. Агенцијата за разузнавање категорично ги отфрла сите наводи за незаконско постапување при спроведување на постапката за избор на претставници во дипломатско-конзуларните претставништва, наводите за незаконско влијание врз работата на комисиите, како и непочитување на законските и интерни процедури – велат од Агенцијата за „Слободен печат“.
Во вториот дел од одговорот, Агенцијата, иако тврди дека информациите се неточни, порачува дека работи на откривање на кртовите во институцијата што откриваат класифицирани информации.
– Особено загрижува фактот што во изминатиот период, Агенцијата за разузнавање е предмет на интерес за прашања што по својата природа се класифицирани или произлегуваат од службени постапки. Агенцијата за разузнавање во континуитет презема мерки за заштита на класифицираните информации, и во таа насока остварува соработка со надлежните институции за утврдување на неовластено откривање на класифицирани информации, идентификување на одговорните лица и преземање мерки, предвидени со закон – додаваат оттаму.
Сепак, Агенцијата ова ќе треба да го докаже пред Јавното обвинителство – Скопје каде што е поднесена кривична пријава. Пријавата е стигната и до Државната комисијата за спречување на корупцијата. Двете институции во одговор за „Слободен печат“ потврдуваат дека пријавите се стигнати и дека по нив се постапува.
Тодоровски инаку призна вина за незаконските активности кои му се ставаа на товар во „Титаник“, а Апелација му ја потврди условната казна. Тој беше близок соработник на поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, а по „Диво насеље“ тој од МВР замина во Агенцијата за разузнавање.


