Диња и лубеница - Фото: Pexels/ Yakup Tuğ

Лубеница или диња — што е подобар избор за шеќерот во крвта?

Лубеницата и дињата се меѓу најомилените летни овошја скоро на сите, двете природно содржат шеќери, но истовремено се богати со витамини, минерали и антиоксиданси кои придонесуваат за подобро општо здравје. Кога станува збор за одржување на стабилно ниво на шеќер во крвта, многумина се прашуваат дали едното овошје има предност во однос на другото.

„И лубеницата и дињата содржат природни шеќери кои можат да го зголемат нивото на гликоза во крвта, но истовремено се богати со вода, витамини и антиоксиданси, а во вообичаени порции имаат релативно ниско гликемиско оптоварување“, објаснува нутриционистката Британи Полсон, регистриран диететичар и сертифициран едукатор за дијабетес, пренесува „Итинг вел“.

Како лубеницата влијае врз шеќерот во крвта?

Лубеницата содржи природни шеќери, па по нејзиното консумирање може да дојде до зголемување на нивото на гликоза во крвта.

„Јаглехидратите од лубеницата релативно брзо се варат“, вели Полсон.

Сепак, една порција лубеница (околу 150 грама) содржи дури 91 процент вода и околу 11 грама јаглехидрати. Токму поради тоа, иако лубеницата има повисок гликемиски индекс, нејзиното гликемиско оптоварување останува ниско.

Гликемискиот индекс покажува колку брзо одредена намирница го зголемува нивото на шеќер во крвта, додека гликемиското оптоварување ја зема предвид и количината јаглехидрати во една порција. Поради високата содржина на вода и малата количина јаглехидрати, умерена порција лубеница нема значително влијание врз нивото на гликоза.

Богата е со ликопен

Една порција лубеница содржи речиси 6.900 микрограми ликопен – моќен антиоксиданс кој ѝ ја дава карактеристичната црвена боја.

Ликопенот е познат по тоа што може да придонесе за здравјето на срцето и метаболизмот. Некои истражувања покажуваат дека поголемиот внес на оваа супстанца може да биде поврзан со подобри вредности на шеќерот на гладно и пониски вредности на долгорочниот показател за шеќер во крвта кај луѓето со дијабетес.

Научниците, сепак, нагласуваат дека се потребни дополнителни истражувања за да се утврди како точно ликопенот влијае врз регулирањето на шеќерот во крвта. Досегашните резултати покажуваат дека може да ја подобри чувствителноста на инсулин и да ги намали воспалителните процеси во организмот.

Како дињата влијае врз шеќерот во крвта?

Како и лубеницата, и дињата содржи јаглехидрати кои при варењето се претвораат во гликоза.

Сепак, една порција диња (околу 150 грама) содржи околу 93 проценти вода, приближно 12 грама јаглехидрати и околу 1,5 грам растителни влакна.

Благодарение на поголемата количина влакна, варењето се одвива побавно, па и порастот на шеќерот во крвта може да биде постепен.

Иако дињата има гликемиски индекс со средна вредност, нејзиното гликемиско оптоварување останува ниско поради малата количина јаглехидрати во една порција.

Одличен извор на витамин Ц

Една порција диња обезбедува околу 57 милиграми витамин Ц, што покрива приближно три четвртини од дневните потреби на возрасните жени и повеќе од 60 проценти од потребите на мажите.

Витаминот Ц е силен антиоксиданс, а истражувањата покажуваат дека поголемиот внес на овој витамин може да биде поврзан со подобра регулација на гликозата и пониски вредности на долгорочниот показател за шеќер во крвта.

Иако витаминот Ц сам по себе не е терапија за контрола на шеќерот, дињата е дел од исхрана богата со хранливи материи кои придонесуваат за здрав метаболизам.

Што е подобар избор – лубеница или диња?

Според нутриционистката Шери Го, дињата има мала предност бидејќи содржи речиси двојно повеќе растителни влакна од лубеницата.

Сепак, Британи Полсон истакнува дека разликата не е толку голема за кај повеќето луѓе значително да влијае врз нивото на шеќер во крвта.

„Лубеницата има нешто повисок гликемиски индекс од дињата, но многу поважно е колкава порција ќе изедете и со што ќе ја комбинирате, отколку самата разлика во гликемискиот индекс“, вели Полсон.

Таа предупредува дека многу луѓе целосно избегнуваат овошје поради страв од природните шеќери, иако истражувањата покажуваат дека редовното консумирање цело овошје може да придонесе за подобра контрола на шеќерот во крвта и да го намали ризикот од развој на дијабетес тип 2.

Го додава дека една вообичаена порција лубеница или диња содржи помалку од 15 грама јаглехидрати, па кај луѓето кои немаат дијабетес таквата количина најчесто нема да предизвика нагло зголемување на шеќерот во крвта.

Нутриционистката Вал Ворнер, сепак, потсетува дека секој организам различно реагира на јаглехидратите.

„Намирница што кај едно лице предизвикува нагло зголемување на шеќерот, кај друго можеби нема да има ист ефект. Затоа е важно да се следат реакциите на сопствениот организам“, советува таа.

Како да јадете лубеница и диња ако внимавате на шеќерот?

Експертите препорачуваат овие две овошја да се комбинираат со намирници кои содржат белковини, здрави масти или дополнителни растителни влакна, бидејќи таквата комбинација го забавува варењето и придонесува за постабилно ниво на гликоза.

Тие советуваат да се задржи препорачаната количина од околу една порција.

Добри начини за консумирање се:

– со грчки јогурт, младо сирење, варени јајца или јаткасти плодови;
– со бадеми, ф’стаци или ореви кои обезбедуваат здрави масти;
– како освежителен додаток во салати или сендвичи богати со белковини;
– како додаток во овесна каша или грчки јогурт за појадок.

И лубеницата и дињата можат да бидат дел од исхрана насочена кон одржување стабилно ниво на шеќер во крвта. Дињата содржи нешто повеќе растителни влакна и има малку понизок гликемиски индекс, но експертите сметаат дека многу поважни се целокупната исхрана, големината на порциите и индивидуалната реакција на организмот.

„Целта не е да ги исфрлите лубеницата или дињата од исхраната, туку да внимавате на порциите, да јадете разновидно овошје и оброците да ги составувате така што ќе бидат хранливо избалансирани“, заклучува Британи Полсон.

Ако купувате веќе исечена лубеница, треба да знаете зошто таа не е најдобриот избор

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот