Азербејџан стави зад решетки новинари и активисти поради „финансиски кривични дела“
Двајца коосновачи на независната азербејџанска онлајн телевизија Топлум ТВ, тројца нејзини новинари и четворица активисти добија затворски казни до 15 години за наводни финансиски кривични дела. Случајот предизвика загриженост кај западните земји за слободата на медиумите, пренесува Ројтерс.
Препорачано
Акиф Гурбанов, кој ја основал Топлум во 2016 година, беше осуден на 15 години затвор, додека неговиот колега Аласгар Мамедли доби 14 години, соопштија адвокатите на одбраната. Сите обвинети ги отфрлија обвиненијата како политички мотивирани, а нивните адвокати најавија жалба.
Азербејџан во последните години приведе низа независни новинари. Некои од нив се соочија со судења под обвиненија кои не се директно поврзани со новинарската работа, како што се шверц и финансиски прекршоци.
Властите во оваа јужнокавкаска земја тврдат дека имале реални случаи против новинарите.
„Ќе поднесеме жалба. Целиот процес беше неправеден. Ниту едно од барањата поднесени од одбраната не беше прифатено, а постапката се водеше еднострано“, изјави адвокатот Елчин Садигов, кој го брани новинарот Елмир Абасов.
Топлум ТВ е еден од ретките преостанати независни онлајн медиуми во Азербејџан, кој известува за политика, корупција, човекови права и општествени прашања.
Полицијата во март 2024 година изврши претрес во нејзините канцеларии и на неколку други локации во Баку, при што првично беа приведени повеќе вработени и соработници. Некои од нив подоцна беа задржани во притвор под обвиненија за шверц.
Подоцна обвинителството додаде и други обвиненија, меѓу кои нелегално претприемништво, перење пари, даночно затајување и фалсификување документи.
Азербејџанските власти ги отфрлаат обвинувањата дека гонењето на новинари е политички мотивирано.
Во рангирањето за слобода на медиумите за 2026 година на организацијата „Репортери без граници“, Азербејџан се најде на 171. место од 180 земји, што е пад од 167. место претходната година.
Во 2024 година, Стејт департментот на САД изрази „длабока загриженост“ поради апсењата за време на претресот во просториите на Топлум ТВ и повика Азербејџан да престане со притисоците врз оние што ги остваруваат своите основни слободи.
Во Азербејџан француски државјанин осуден на 10 години затвор за шпионажа


